Податоците за квалитетот на воздухот во Македонија од мерните станици на Министерството за животна средина и просторно планирање вечерва покажуваат дека речиси во сите општини воздухот е загаден со ПМ10 честичките многу над максимално дозволените концентрации. Синоќа воздухот во Кавадарци беше најзагаден – 116 милиграми од ПМ10 честичките на кубен метар воздух, а максимално дозволената концентрација е 50.
Во Струмица таа бројка е 107, Тетово 97, Куманово 91, Велес 90, Гостивар 75 мг/м3…
Мерните станици во Скопје покажуваат дека најзагаден е воздухот во Лисиче 85 мг/м3 од ПМ10 честичките, Карпош 61, Центар 59…


ПМ10 честичките се едни од најштетните загадувачки супстанции во воздухот. Суспендираните честички со дијаметар помал од 10 микрометри (PM10) може да продрат длабоко во респираторниот систем на луѓето. Овие честички во воздухот се емитуваат од издувниот систем на возилата, греењето во домаќинствата, индустриските процеси, електраните, согорувањето на земјоделскиот отпад, согорувањето на отпад од дивите депонии и дворовите и шумските пожари. Емитираните честички, исто така, со помош на хоризонталните воздушни струења може да се пренесат стотици километри од изворите на емисија.
Концентрациите на PM10 во урбаните средини во зимскиот период вообичаено ги надминуваат граничните вредности за заштита на човековото здравје.
