6.8 C
Skopje
четврток, ноември 26, 2026

Обединетото Кралство е првата земја која одобрила третман со молнупирави

Обединетото Кралство е првата земја која одобрила третман со молнупиравир, иако сè уште не се знае точно кога овој лек ќе биде достапен, пишува АП.

Лекот е лиценциран за употреба кај луѓе постари од 18 години кои се позитивни на Ковид-19 и имаат барем еден ризик фактор за развој на сериозна болест.

Но, како делува овој лек, или како се користи? Многумина веруваат дека молнупиравир е одлично решение бидејќи може да го лекува коронавирусот без да се оди во болница, според Си-Ен-Ен.

Имено, кога на пациентот ќе му биде дијагностицирана инфекција со Ковид-19, тој може да започне со терапија со овој лек и да зема четири капсули од 200 милиграми (вкупно 40 таблети) два пати на ден во период од пет дена.

„За разлика од вакцините, кои предизвикуваат имунолошки одговор, молнупиравир се меша со репликацијата на вирусот“, рече Сањаја Сенајаке, специјалист за заразни болести на Австралискиот национален универзитет.

Прелиминарните резултати од третата фаза на клиничките испитувања спроведени од Мерк на повеќе од 700 невакцинирани пациенти покажале дека пилулата може да го намали ризикот од хоспитализација или смрт за приближно 50%, во споредба со пациентите кои земале плацебо.

Учесниците примиле таблета или плацебо во рамките на студијата во рок од пет дена од почетокот на симптомите на инфекција, а во рок од 29 дена, ниту еден од оние кои примиле молнупиравир не починал, за разлика од осум испитаници кои примале плацебо.

За да биде одобрена, вакцината или лекот мора да поминат низ три фази на клинички испитувања. Првата фаза вклучува мал број субјекти, обично помеѓу 20 и 100 (или ретко неколку стотици) и одредува прелиминарна проценка на безбедноста и ефективноста на лекот. Во втората фаза, ефективноста на вакцината или лекот се тестира на голем број субјекти, обично помеѓу 50 и 300 и се анализираат различни методи на имунизација, односно давање на дози.

Третата фаза вклучува најголем број учесници – од стотици до десетици илјади, во зависност од болеста за која се развива лекот или вакцината. Во овој момент, одреден кандидат се споредува со плацебо за да се испита вистинската ефикасност на вакцината или лекот што се развива, а се тестираат понатамошната безбедност и несаканите ефекти.

Мерк рече дека може да произведе доволно лек за 10 милиони третмани до крајот на годината, но дека голем дел од тие залихи веќе биле купени од владите ширум светот.

Азиските земји побрзале да го нарачаат овој најнов потенцијален лек против Ковид. Според аналитичката компанија „Ерфинити“, најмалку осум земји од азиско-пацифичкиот регион, меѓу кои Нов Зеланд, Австралија и Јужна Кореја, веќе потпишале договори или се во преговори за купување на лекот произведен од американската компанија Мерк.

Во октомври, британските власти објавиле дека обезбедиле 480.000 третмани со молнупиравир.

„Ова е историски момент за нашата земја бидејќи Британија сега е првата земја во светот што го одобри антивирусниот лек против Ковид-19, кој може да се зема дома“, рече британскиот министер за здравство Саџид Џавид.

Мерк досега не открива детали за можните несакани ефекти од земањето молнупиравир, освен што изјави дека нивните нивоа биле слични меѓу оние учесници кои го земале лекот и оние кои примале плацебо.

Бидејќи лекот цели на ензимот што го користи коронавирусот за репродукција и внесува грешки во неговиот генетски код, некои експерти веруваат дека молнупиравир потенцијално може да предизвика мутации што доведуваат до некои дефекти или тумори.

Во текот на студијата, на учесниците, и мажи и жени, им било наложено да користат контрацепција или да се воздржат од секс. Бремените жени биле исклучени од студијата. Мерк соопшти дека лекот е безбеден кога се користи според упатствата.

Засега не е познато колку азиските земји ќе платат за купување на овие таблети. Соединетите држави се согласиле да платат 1,2 милијарди долари за 17 милиони третмани доколку лекот биде одобрен, што значи дека во тој случај САД би платиле околу 700 долари по третман.

Аналитичарите утврдиле дека производството на третман со молнупивир, врз основа на пресметката на цената на суровините, треба да чини околу 18 долари. Џинтарс Готам, кој го анализира пристапот до лекови, вели дека е вообичаено фармацевтските компании да наметнуваат големи компензации за лековите, но додаде дека сè уште е изненаден кога ја видел високата цена на молнупиравир.

Мерк не потврдил дали проценките на аналитичарите се точни, но во изјава за Си-Ен-Ен велат дека тие пресметки не ги земале предвид трошоците за истражување и развој.

„Бидејќи моментално не е одобрен за употреба во САД, сè уште не сме утврдиле цена за молнупиравир. Имаме претдоговор со американската влада и таа цена е специфична за одредена количина на молнупиравир и не претставува договорена цена за САД или која било друга земја“, велат од компанијата.

Читај Следно

10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести