19.8 C
Skopje
вторник, април 16, 2024

Бизнисменот Алек „Тера Нова“ разочара како сведок, но ризикува и пријава за давање лажен исказ

Јавноста вчера очекуваше сведочење по кое ќе се расчистат дилемите во случајот „Плацеви на Водно“. Дали Груевски ги купил посочените плацеви, со кои пари и колку данок е затаен, односно колкава е штетата од делото кое се става на товар на обвинетите во случајот, а тоа е „перење пари“?

Наместо одговор на ова прашање јавноста доби едно конфузно сведочење на крунскиот сведок на Јавното обвинителство. Не само што тој не даде одговор на основните прашања, туку изостана и елементарната логика која би требала да биде сврзно ткиво на неговиот исказ и на обвинението, вели одбраната на обвинетиот Сашо Мијалков.

Најсимптоматично од сè е тоа што неговиот исказ во голема мерка беше контрадикторен со исказите на досегашните сведоци, повикани од истото ЈО.

Не знаел дека постојат плацеви, ама формирал фирма за да ги купи?!

Медиумите и јавноста можеа да се уверат дека бизнисменот Александар Ивановски не само што нема докази за било кое свое тврдење, туку прилично  „не се сеќава“  што сè потпишал, или пак се вадеше дека наводно потпишувал бланко документи, иако тоа е контрадикторно со сопственото претставување како искусен и успешен бизнисмен во градежништвото.

Целата дилема после вчерашното рочиште е зошто и Александар Ивановски не се нашол меѓу обвинетите доколку наистина постои дело, кога истиот е главен лик во приказната.

За да се амнестира себе си, Ивановски во срочената приказна, на прашање на ЈО, своето сведочење го започна со тврдењето дека обвинетиот Сашо Мијалков го замолил само да потпише полномошно за оснивање на домашна фирма кај Чукиќ и Марков. Ивановски не можеше со сигурност да посочи дали тоа било пред или откако ја добил информацијата, преку свој познаник дека црногорски државјани се заинтересирани да ги продадат плацевите на Водно.

На одбраната на Мијалков и на присутните медиуми уште од почеток им беше чудно, зошто без да се знае дали воопшто постојат плацеви на Водно за продажба, Мијалков би му кажал да оснива фирма за да ги купи.

Според Ивановски, тој добил повик од Мијалков да оди во адвокатската канцеларија „Чукиќ и Марков“ каде што наводно ќе го чекале изготвени документи, а тој требало само да потпише полномошно. Му било само кажано дека тоа е за некој пријател и немал претстава дека станува збор за отварање на претставништво на странска фирма. Бидејќи било за друг, Ивановски не се интересирал, ниту имал претстава кој би бил управител на новата компанија. Потпишал само еден документ и си завршил работа.

Сведокот Марков го „олади” сведокот Алек

Целата оваа конструкција се распрсна како меур од сапуница по исказот на следниот сведок на ЈО, адвокатот Серјожа Марков.

Се испостави дека искусниот бизнисмен Алек „Тера Нова“ не бил толку добронамерен и без никаков интерес. Марков потврди дека Ивановски го побарал и дошол во неговата канцеларија, но немал никаков контакт со Мијалков, иако биле блиски и долго се познавале. Според исказот на Марков, Ивановски се однесувал арогантно и почнал да се фали дека бил испратен од Никола Груевски, а не од Сашо Мијалков, иако во неговиот исказ се тврди спротивното.

Марков ги демантираше исказите на Ивановски дека го чекале подготвени документи кои веднаш ги потпишал. Напротив, целата процедура за регистирање на фирмата „Сирах инжинеринг“ ја водел Ивановски, заедно со една адвокатка во друштвото „Чукиќ и Марков“. Тој самиот тогаш кажал дека управител ќе биде Ристо Новачевски што е сосема спротивно од тоа што го тврдеше вчера. Марков го демантираше Ивановски и во делот дека не знаел дека станува збор за странска компанија, потврдувајќи го полномошното што го имал Ивановски за застапување на компанијата „Сирах Лимитед“ од Белизе.

Исказот на Ивановски беше контрадикторен и во однос на првиот сведок, адвокатот Лазар Бошњаковски, кој прв имал контакт со црногорските државјани заинтересирани да го продаваат плацот.  Имено Бошњаковски тврдеше дека бил исфрлен од игра и немал никаков контакт со Ивановски откако овој му ја одбил понудата за плацот, а Ивановски тврдеше дека повторно се среќавал со него за да го разубеди да се тргне од зделката и да не очекува провизија.

„Се сомневал“ дека купува за Груевски – а пари?!

На општа зачуденост на присутните во судницата, Ивановски призна дека во повеќе наврати се среќавал и бил во контакт со поранешниот премиер Никола Груевски, но нејасно е зошто доколку сметал дека за него го купува плацот, тогаш не го прашал за продажбата кога последен пат се слушнале минатата година. Нејасно е зошто во таква ситуација Мијалков би посредувал, а крајно запрепастувачки е зошто Мијалков би го праќал Ивановски во општина центар да проверува статус на земјиште кое наводно било наменето за Груевски, кога поранешниот премиер сам можел да го стори тоа и побрзо и поефикасно.

Врв на вчерашното рочиште беше моментот кога одбраната на Мијалков го запраша Ивановски за контрадикторноста на неговите претпоставки за кого бил ангажиран од страна на Мијалков кога фактичката состојба е дека тој ја основал фирмата, тој го купил земјиштето со свои пари, тој вадел градежни дозволи тој имал намера да го гради, а тврди дека било за друг. На тоа Ивановски понуди одговор дека таков бил случајот и со плацот на кој се наоѓа зградата на Телеком, објаснувајќи го тоа како работа за познат клиент. Сепак одбраната ја долови разликата со прашањето дали за зградата на Телеком добил пари по што беше констатирано дека сега тоа не е случај, однос не добил ниту денар од Груевски иако се сомневал дека купува за него.

Неговиот статус на кредибилен сведок беше целосно разнишан откако и одбраната на Ристо Новачевски му посочи документи кои покажуваа дека не е само еден потпис, туку дека Ивановски го води целиот процес. Ивановски не можеше да ја негира автентичноста на сопствените потписи, но извади ново објаснување според кое оставал бланко потписи и затоа не се сеќавал на тие документи.

Сите во судницата се чудеа како таков искусен бизнисмен, за каков што се претставуваше Ивановски, да не знае и да не чита што потпишува. Сепак дилемите ги разјасни адвокатот Марков кој посочи дека е невозмоно таква неодговорност да помине во неговата канцеларија, бидејќи се коси со сите професионални норми.

Што ризикува Алек „Тера Нова”?

Кривичниот законик во член 367 предвидува дело „Давање лажен исказ“, а согласно законот, „ако лажниот исказ е даден во кривична постапка, сторителот ќе се казни со затвор од три месеци до пет години“. Ако поради делото настапиле особено тешки последици за обвинетиот, за сторителот е предвидена казна затвор од една до десет години.

Законот, посочува одбраната на Сашо Мијалков, сепак остава простор евентуално Ивановски да се спаси од казна бидејќи согласно став 5, „ако сторителот доброволно го отповика својот лажен исказ пред да се донесе правосилна одлука, може да се ослободи од казна“.

plusinfo.mk

Читај Следно

10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести