0.8 C
Skopje
недела, ноември 29, 2026

Атанасоски: Куманово во вториот круг, ќе биде една своевидна „битка за Сталинград“

Во разговор за медиа.мк, магистерот по политички науки и аналитичар Благојче Атанасоски ги анализира локалните избори и можната разврска во вториот круг.

-Опозицијата однесе голема победа, ако гледаме од ракурс на освоени општини, и победи на советнички листи во мнозинството од општините. Ако гледаме по освоени гласови, индикативно е што дури и ВМРО-ДПМНЕ има пад во гласовите од претходните парламентарни избори минатата година, но нивната убедлива победа се должи на фактот што владејачката СДСМ имаше драстичен и катастрофален пад на нивното традиционално центар-лево гласачко тело. Што значи, десницата ги „извади“, своите традиционални и лојални гласачи, додека се случи бојкот и апстиненција на гласачите на левицата, разочарани дали од практикувањето на нејзините политики на локално или централно ниво. Огромен дел однесоа и независните листи на ниво на Македонија, како една трета, нова опција од постоечката партиско-политичка понуда во државата овие три децении, а еднинствено прогресираше партијата Левица. Во т.н албански политички блок, ДУИ е неприкосновен победник, кои ги „бетонираше“ и ги потврди своите гласови од минатогодишните парламентарни избори, додека Алијансата за Албанците и Алтернатива и покрај предизборната коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, доживеа убеделив пораз. – вели Атанасоски.

Што може да се очекува во вториот круг со посебен осврт на Скопје и поголемите општини?

-Градот Скопје ќе биде една изедначена интересна битка, бидејќи разликата од 7.500 гласови во корист на кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ во однос на актуелниот градоначалник од редовите на СДСМ, не е и недостижна. Пресудно ќе биде мобилизацијата на гласачите на двата „контингенти“, кој ќе успее да убеди што повеќе да гласаат за неговата опција, но исто така можеби и клучни да бидат испорачаните етничкоалбански гласачи на ДУИ кон Шилегов, или АА кон Арсовска. Од другите поголеми општини-градови во Македонија, Куманово ќе биде една своевидна „битка за Сталинград“, бидејќи тука се судираат актуелниот популарен градоначалник исклучен од редовите на СДСМ, Максим Димитриевски со Оливер Илиевски, фаворит на власта во овој град. Тука пресудни ќе бидат етничките гласови на Албанците, Ромите, но и гласовите на вмровскиот кандидат испаднат во првиот круг. Од друга страна во Битола, ќе бидат пресудни гласовите на лидерот на ЛДП, бидејќи неговите гласови во првиот круг за двојно ја надминуваат разликата во корист на вмровскиот кандидат пред кандидатот на СДСМ. Доколку тие гласови отидат на контото на кандидатот на левицата, ќе следиме интересна битка до последно кој ќе ја добие Битола како „трофеј“. Битката во Карпош, Кочани, па дури и Охрид исто така ќе биде интересна за следење. – анализира Атанасоски.

На кого Заев ќе ги даде гласовите во Тетово? Дали доколку го поддржи ДУИ, има опција Касами и БЕСА да ја напуштат владата?

-Доколку е паметен, на никого, односно ќе повика да гласаат по сопствена воља на убедување, бидејќи станува збор за кандидати кои се дел од неговата владина (централна) коалиција, дури едниот е лидер на партија која тежи 4 пратеници во неговото парламентарно мнозинство, кои во дадениот момент се клучни. Сметам дека секој друг политички од, би бил екстремно ризичен за социјалдемократскиот лидер, и би предизвикало потрес во владината коалиција со можност за прекројување на владиното мнозинство во корист на надојдената опозиција. – одговори Атанасоски.

Дали може да се очекуваат предвремени парламентарни избори и кога?

-Голема е веројатноста да се случат идната година, дали напролет или наесен, во зависност од политичките текови. Македонија е се уште блокирана на  патот кон евроинтегративните асоцијации, и се очекува прво решавање на „прашањето“ со Бугарија, односно формирање на стабилна тамошна влада, за да може да се влезе во преговори, и да се тргне блокадата. Најави за нови предвремени избори кај нас ќе го осуетат тој процес, и веројатно не би имало „пас“ од „стратешките пријатели“ (читај Американците) да се организираат истите. Да не се лажеме, кај нас, разврската на политичките процеси во голема мера и улога зависи од меѓународниот фактор. – Анализира Атанасоски во разговор со медиа.мк.

Читај Следно

10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести