Во Македонија попишани се 1.832.696 лица, додека преку интернет апликацијата, во дијаспората се самопопишани 204.805 македонски дравјани, најмногу во западно-европските земји, а многу малку во прекуокеанските држави, соопшти вечерва директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски на прес-конференција по завршувањето на пописот на населението.
За тие кои одбиле да се попишат рече дека тоа се изразува во промили, а не и во проценти.
„Минимална е бројката на граѓани кои одбиле да бидат попишани. Но и тие граѓани кои не се попишани, или не е успеано да бидат попишани, ќе влезат во податоците, зашто се дел од базите на податоци“, изјави диркторот Симовски.
На прашањето дали граѓаните кои одбија да бидат попишани ќе бидат казнети, Симовски рече дека во старт целта не била да се казнува, но и додаде дека оние граѓани кои одбиле да се попишат ќе добијат соодветна пријава базирана на изјава од попишувач.
„Како овие пријави ќе завршат, тоа веќе не е во наша моќ“, рече Симовски.
Пописот е целосно успешен, нагласи Симовски и рече дека треба да им се члестита на сите вработени во Заводот, на медиуимите, како и на други институции, затоа што, како што оцени, „по 20 години имаме успешна статистичка операција на попис на населението“.
Со пописот се регистрирани 568.175 домаќинства и 837.255 станови во земјава. Од опфатените објекти за живеење 91 процент биле предмет на пописот, а останатите девет отсто не се за домување.
Симовски рече дека споредбата на податоците ќе се врши за време на обработката на податоците во наредниот период, а дека конечните податоци ќе бидат објавени во рок од 6 месеци, до крајот на март идната година.
