6.8 C
Skopje
четврток, ноември 26, 2026

Во пресрет на локалните избори закажани за 17 октомври пратениците и од власта и од опозицијата ги донесоа измените на Изборниот законик за зголемување на отчетноста

Во пресрет на локалните избори закажани за 17 октомври пратениците и од власта и од опозицијата ги донесоа измените на Изборниот законик за зголемување на отчетноста, транспарентноста и контролата на државните ресурси за време на изборниот процес.

Сите државни институции се задолжени до Државната комисија за спречување на корупцијата да достават податоци за сите моторни возила со кои располагаат, за да има ДИК увид во нивното користење за време на изборите и спречување евентуални злоупотреби.

Предлогот го поддржаа сите партии и од мнозинството и од опозицијата, а произлегува од последниот извештај на ОБСЕ/ОДХИР за предвремените парламентарни избори во 2020 година.

– Главно, со сите предложени измени и дополнувања се опфатени и ќе имаат придобивка, пред сè, граѓаните како гласачи, кандидатите, но и институциите, кои имаат свои надлежности во изборниот процес – рече Јован Митревски, координатор на пратеничката група на СДСМ.

ДИК вчера го донесе ревидираниот роковник за претстојните локални избори, усогласен со измените и дополнувањата на Изборниот законик. Донесено е и упатството за ангажирање лица од редот на вработените во секторите за информатички технологии или надворешни ИТ-лица и донесена е одлука за објавување на описите на избирачките места. Членот на ДИК Борис Кондарко вчера информираше за поважните измени на Изборниот законик.

– Се воведува обврска за која го пропишуваме рокот најдоцна до 25 септември до 24 часот, сите службени органи и институции што располагаат со возила да ги достават податоците до ДКСК, со цел увид во нивното користење за време на избори и спречување евентуални злоупотреби. За сите радиодифузери, печатени медиуми и портали, кои се регистрирани за платено политичко рекламирање во ДИК, остануваат нивните регистрации, а за оние што го пропуштиле рокот, се определува нов рок за регистрација. Тој рок ќе почне на 17 септември и ќе трае до 19 септември, заклучно со недела, до 24 часот – рече Кондарко.

Со измените во Изборниот законик се предвидува да можат да гласаат и лица на кои им истекол рокот на важност на личните карти, а кој истекол од денот на распишување на изборите до денот на нивно одржување, што значи од 6 август до 30 октомври. Се предвидува и рок за пријавување на лицата што се позитивни на коронавирусот или се во самоизолација за гласање во домашни услови. Овие лица ќе гласаат ден пред одржувањето на првиот круг, односно на 16 октомври и на 30 октомври доколку има втор круг.

Во тек се и подготовките за спроведување на изборите, првпат со терминали за вчитување отпечатоци од прсти, за што серверите веќе пристигнаа во земјата. Деновиве се очекува да пристигнат уште 950 терминали, а останатите најдоцна до 1 октомври. Кампањата за изборите започнува на 27 септември, а завршува на 15 октомври.

Читај Следно

10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести