23.8 C
Skopje
петок, март 29, 2024

Обраќање на претседателот Пендаровски и одликувања по повод 18 Август – Денот на Армијата

Претседателот на Република Северна Македонија и Врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски, денеска присуствуваше и се обрати на централната свеченост по повод одбележувањето на 18 Август – Денот на Армијата на Република Северна Македонија.

Претседателот Пендаровски со Орден за воени заслуги ja одликуваше Армијата на Република Северна Македонија за професионалноста и за посветеноста на нејзините припадници, учесници во Меѓународните безбедносни сили за помош (ИСАФ) и во мисијата „Решителна поддршка“ во Авганистан.

„Ужасните слики кои доаѓаат од таа земја последниве денови не беа можни додека нашите војници заедно со 130.000 мировници од 50 држави од светот беа таму. Затоа донесов одлука да ги одликувам со Орден за воени заслуги сите припадници на Армијата кои беа во мисијата во Авганистан во изминатите две децении. Нашите војници тоа го заслужија“, рече претседателот Пендаровски.

Претседателот Пендаровски го додели признанието Повелба на Република Северна Македонија на потполковник Егил Далтвејт, припадник на вооружените сили на Кралството Норвешка, на Центарот за странски јазици при Армијата на Република Северна Македонија и на Артилерискиот баталјон при Армијата на Република Северна Македонија.

Почитувани,во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски:

Почитувани припадници на Армијата на Република Северна Македонија,

Ценети екселенции,

Драги сограѓани,

Чест ми е да ве поздравам и да го честитам 18 Август – Денот на Армијата. Овој пат, најголемиот празник на војската го одбележуваме во година на два големи јубилеи за нашата држава.

На 11 октомври ќе прославиме 80 години од почетокот на народноослободителната и антифашистичка борба низ којашто за прв пат партизаните создадоа слободна македонска држава. А, следниот месец, на 8 септември, ќе одбележиме 30 години од македонската независност.

Како заштитници на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Северна Македонија, вие, припадниците на Армијата сте живата врска меѓу овие два големи јубилеи и два големи историски потфати за нашите граѓани и нашата држава.

Во изминативе три децении се соочивме со многу внатрешни и надворешни предизвици во безбедносниот, политичкиот и геополитичкиот амбиент. Низ тие циклуси на промени, сите легитимно избрани државни раководства, без исклучок, следеа една константа, утврдена уште на почетокот на независноста. А тоа е јасно изразената волја на огромното мнозинство македонски граѓани за целосна интеграција во евроатлантската заедница на демократски држави. Интеграција што подразбира меѓусебна поддршка и помош, но, и заеднички акции со нашите сојузници.

Во име на таквата коалиција базирана врз заеднички вредности, во 2002-та донесовме тешка одлука да испратиме наши војници во Авганистан, врз основа на Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН 1386. Иако бевме тукушто излезени од внатрешниот конфликт, Собранието во август 2002-та со целосен консензус на сите политички субјекти, без и еден глас против ја донесе првата Одлука за наше учество во меѓународната мисија ИСАФ.

Во текот на овие 19 години, над 3300 припадници на Армијата учествуваа во оваа исклучително сложена меѓународна мисија. Првата ротација ја започнавме како кандидат, а последната ја завршивме како членка на НАТО. Кога денес ја сумираме оваа мисија, јасно е дека без учество во мисијата во Авганистан немаше да станеме членки на НАТО алијансата. Безмалку 20 години, македонските мировници му помагаа на народот на Авганистан да живее во постабилно опкружување и сето тоа без ниту една жртва од нашите мировници!

За професионалноста на нашите војници, нивната храброст и посветеност многумина беа одликувани со високи воени и цивилни почести од претставници на членките на Северноатлантската алијанса. Ужасните слики кои доаѓаат од таа земја последниве денови не беа можни додека нашите војници заедно со 130.000 мировници од 50 држави од светот беа таму.

Затоа донесов одлука да ги одликувам со Орден за воени заслуги сите припадници на Армијата кои беа во мисијата во Авганистан во изминатите две децении. Нашите војници тоа го заслужија!

Почитувани,

Воените партнерства започнуваат со јасни политички одлуки, а се оддржуваат со перманентно подобрување на борбената готовност преку учество во воени вежби и меѓународни воени мисии. Но, врските меѓу државите се градат и зацврстуваат и преку заеднички напори за справување со елементарни непогоди и невоени безбедносни закани. Во изминатава година Артилерискиот баталјон во состав на 1. пешадиска бригада беше активен на сите овие полиња. Дел од припадниците на баталјонот беа и се вклучени, не само во справување со брановите на мигранти и пандемијата на КОВИД-19, туку и во гаснењето на катастрофалните пожари што беснеат на повеќе места во нашата држава.

Иако се темели на споделени вредности, како што се мирот, демократијата и човековите права и слободи, меѓународните воени коалиции функционираат благодарение и на заедничкиот јазик. Веќе 20 години Центарот за странски јазици организира стручни курсеви за потребите на Министерството за одбрана и Армијата, и со тоа ја овозможува нивната интероперативност со структурите на НАТО.

Затоа, донесов одлуки за доделување на Повелба на Република Северна Македонија и на Артилерискиот баталјон и на Центарот за странски јазици.

Конечно, по својот карактер и структура алијансите не се еднострани. Дури и пред членството во НАТО, ние имавме многу пријатели кои ни помагаа. Најдобар пример дека зад таа генерална поддршка многу често стојат конкретни поединци, луѓе со име и презиме е одбранбеното аташе на Кралството Норвешка, потполковник Егил Далтвејт. Во изминативе три години, благодарение на неговиот професионален и личен ангажман, обезбедени се значителни донации за справување со пандемијата на КОВИД-19, но и за јакнење на капацитетите на Министерството за одбрана, на Воената Академија и воопшто, на борбената готовност на Армијата. Ние знаеме да ги препознаваме, почитуваме и вреднуваме своите пријатели, меѓу кои секако спаѓа и потполковник Далтвејт. Затоа, донесов одлука да го одликувам со Повелба на Република Северна Македонија.

Почитувани присутни,

Денот на Армијата го прославуваме, не само во година на споменатите два јубилеи, туку и во време кога се соочуваме со два сериозни предизвика – пандемијата на КОВИД-19 и катастрофалните пожари. Како Врховен командант на Армијата сакам да им се заблагодарам на сите храбри мажи и жени во униформа кои се активно вклучени во справувањето со овие големи опасности. Бидете уверени дека македонските граѓани ја препознаваат и ценат вашата професионалност и пожртвуваност и знаат дека можат да сметаат на вас и во мирни и во тешки времиња. Затоа, во името на сите граѓани, уште еднаш, ви благодарам за се што правите на тој план.

Тука мора да споменеме и дека иако како и другите држави од регионот, истовремено се бориме на два фронта, пандемијата и пожарите потенцираа и некои системски слабости и недоследности од кои мора да извлечеме поука. Во таа насока, час поскоро треба да влеземе во процес на анализа и промислување како да изградиме поотпорен и поефикасен систем за намалување на ризиците од катастрофи.

Во изминативе неколку години постојано го зголемуваме буџетот за одбрана и мораме да продолжиме со инвестирање на ова поле. Тоа е неопходно за да имаме Армија подготвена за учество не само во мировни мисии или воени вежби, туку и армија со капацитет, во секое време, да им помогне на своите граѓани во соработка со надлежните цивилни структури.

Почитувани припадници на Армијата,

Денес искажуваме најдлабока почит за сите војници и старешини кои ги положија своите животи за денес да живееме во мир. Исто така, на овој ваш и наш заеднички празник, искажуваме огромна благодарност и кон сите поранешни генерации кои пред вас во армијата го вградија своето знаење и својот патриотизам.

Денес се гордееме со вашиот професионализам и со напорите кои ги вложувате за идниот, уште поуспешен развој на Армијата. Познавајќи ја вашата посветеност и уверен во вашата волја, знам дека имаме Армија целосно подготвена да го штити нашиот територијален интегритет и суверенитет и да биде членка на НАТО алијансата од која нема да се срамиме.

Нека ни е честит денот на Армијата!

Да живее Република Северна Македонија!

Читај Следно

10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести