6.8 C
Skopje
среда, март 27, 2024

Министерот Спасовски во Старо Нагоричане го пречека својот српски колега Вулин и четирите хеликоптери за гасење пожар


„Во текот на вчерашниот ден, особено во попладневните часови, се соочивме со навистина сериозна ситуација со 13 активни пожари, посебно на источниот дел од државата, од кои дел и на тешко пристапни локации, што беше причина да ја напуштам свеченоста на Мечкин Камен во Крушево и веднаш да дојдам во регионов, кадешто македонската полиција веќе беше на терен и помагаше во гасењето на пожарите. Меѓу нив и овој на подрачјето на Старо Нагоричане, каде што сме сега, кој е локализиран, но поради теренските специфики и временските услови бара насочување на добар дел од капацитетите за да се избегне ризикот од него повторно ширење“, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на средбата со својот српски колега Александар Вулин, кој попладнево пристигна во земјава заедно со српскиот помошник министер за вондредни ситуации Лука Чаушиќ и четирите хеликоптери за гасење пожари како поддршка од Република Србија во гаснење на пожарите.
На средбата при посетата на Старо Нагоричане присуствуваа и директорот на БЈБ, Сашо Тасевски и градоначалничката на Општина Старо Нагоричане, Жаклина Јовановска.
„Имавме тешка и долга илинденска ноќ, но нашето место беше рамо до рамо со нашите граѓани! Државата е со нив, со сите расположливи ресурси, а со нас денеска се нашите пријатели од Република Србија. Тие ни испратија 4 хеликоптери за гаснење на пожарите, кои ќе се приклучат на нашите два хеликоптера и ќе сториме сѐ што можеме да ја спречиме огнената стихија низ државата. Би сакал да упатам голема благодарност до Република Србија, која повторно се покажа како сосед за пример, подавајќи рака кога ни е најтешко и до министерот Вулин лично, за денешната посета, поддршка и помош за Република Северна Македонија, за нашите граѓани. Особено е значајно кога човек во неволја не е оставен сам на себе. Затоа се со нас нашите пријатели, затоа сме ние со нашите граѓани “, истакна министерот Спасовски.
Спасовски подвлече дека солидарноста и заедништвото се многу важни во вакви моменти, а благодарение на функционалноста на системот, на професионалноста на службите – пожарникарите, полицијата, армијата, локалната самоуправа, но и на смиреноста и солидарноста на граѓаните, како и одговорноста на медиумите при известувањето, ситуацијата со вчерашните пожари е ставена под контрола, додавајќи дека состојбата  и понатаму будно се следи, со сите ангажирани расположливи капацитети и со оние кои допрва се очекува да стигнат од пријателите и сојузниците.
„Секој еден е важен кој ќе ни се приклучи во оваа наша борба. Материјалната штета повторно заеднички ќе ја надоместиме, а безбедноста на граѓаните останува наш најголем приоритет“, порача Спасовски, апелирајќи до граѓаните да избегнат движење по шумите, согласно владината одлука за целосна забрана за движење во шума.
Министерот за внатрешни работи на Република Србија, Александар Вулин рече:„ Само неколку дена по Самитот во Скопје, каде нашите лидери ја изразија потребата на сите народи на Балканот да бидеме поблиску едни кон други и низ сите форми на соработка навистина да создадеме Отворен Балкан, денеска се покажува колку е тоа важно и колку е потребно“, додавајќи дека српскиот претседател Вучиќ по разговорот со премиерот Заев веднаш издаде наредба за помош на граѓаните на Северна Македонија, независно што и кај нив е актуелен проблемот со пожарите.
„Од денеска на просторот на Северна Македонија се наоѓаат четири хеликоптери на МВР на Србија, од кои три се противпожарни, односно можат да гасат пожар, а четвртиот е за извидување и наведување, а доколку ситуацијата се влоши, спремни сме да интервенираме и со наши луѓе и со техника каде што ќе биде потребно“, порача Вулин. Тој потсети дека зад опожарените ридови се наоѓаат ридови кои ù припаѓаат на Република Србија, па изгаснатите пожари тука ќе значат превенција од проширување на пожарите на територијата на Србија.
„Сите ние сме едно на овие простори и мораме да бидеме блиску, што поблиску едни кон други. Би сакал да изразам полна солидарност кон граѓаните на Северна Македонија во име на Владата на Република Србија и Министерството за внатрешни работи и да порачам дека нашата помош е тука, таа секогаш ќе биде брза, сигурна и на нас секогаш ќе можете да се потпрете“, нагласи министерот Вулин по средбата.

Читај Следно

10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести