Во духот на фудбалската еуфорија со ЕУРО 2020 во овие топли денови, гостин во “Лазаров Шоу” е еден од нашите херои, човекот кој секогаш го остава срцето на терен, Бобан Николов. Младинското Европско Првенство беше предвесник за убави денови за македонскиот фудбал, дел од момците од таа млада генерација направија совршен спој со искуството на Горан Пандев и останатите, а под водство на селекторот, популарниот Мрме напишаа историја, прво учество на Европско Првенство во Фудбал.
Бобан искрено раскажа за многу работи кои се случувале позади камерите, а она што сигурно сите ќе ве изненади е повикот на Жозе Мурињо веднаш по натпреварот со Холандија, емоциите, но и плановите и очекувањата за во иднина.
„Не знам дали ќе ми се налути, мислам дека нема. Ќе кажам нешто што треба да го запамети цела македонска јавност, сега ексклузивно ќе го откријам. Гоки немој да се лутиш. Јас ќе му бидам благодарен за цел живот, затоа што не научи на многу работи. Јас 2-3 дена знаев дека ќе се откаже, ми беше тешко. Се качуваме во автобус за накај хотел и на крај седиме јас, празно место поради протоколите, Горан, па празно место и Стефан. Сите излегуваат и во тој момент кога поминувам покрај него му ѕвонеше Мурињо на видео повик. Го пушта на камера и Мурињо почнува да зборува и да плаче затоа што се откажа. Потоа почнав јас да плачам, Стефан да плаче. Штом еден Мурињо му ѕвони… инаку таму беа Снајдер, Кавани. Македонија никогаш не може да му се оддолжи на Горан Пандев. Само треба да биде благодарна што го има. Одма споменик да му направат“. – раскажа Николов во “Лазаров Шоу”.
Оваа емисија имаше и посебен карактер, па Стефан и Бобан се “пробаа” на фудбалски терен, како тоа изгледаше ќе мора да погледнете.
