Европската унија планира да започне нова единица која ќе се справи со сајбер напади.
Европската комисија денес треба да претстави „Заедничка сајбер единица“ преку која земјите-членки ќе можат да бараат помош од други земји и ЕУ во случај на сајбер напад.
Стариот континент неодамна беше жртва на неколку сајбер напади, што предизвика загриженост дека Европа не може да се заштити себеси или своите трговски тајни од хакери и сајбер криминалци. ЕУ сега планира да им помогне на членките да се одбранат од софистицирани и смели напади со надградување на системите и овластувањата на секоја земја-членка.
Планот предвидува и воспоставување платформа за сајбер полиција, агенции, дипломати, воени служби и безбедносни компании да работат заедно, да споделуваат ресурси и да реагираат веднаш во случај на напад.
Во 2019 година, Комисијата објави формирање единица со цел да се запрат нападите што ги компромитираа институциите, агенциите, министерствата и водечките европски компании и организации на ЕУ. Реализацијата на планот траеше време затоа што ЕУ нема надлежност за националната безбедност на нејзините членки, а земјите од ЕУ не се подготвени да му ја предадат контролата на Брисел.
По серија напади врз националните институции и институциите на ЕУ, вклучително и Европската агенција за лекови, белгиското Министерство за внатрешни работи, болниците во Ирска и Франција и полските политичари, беше смислен план – официјално наречен „препорака“ за агенцијата за сајбер безбедност на ЕУ, ENISA да биде надлежна да ја води единицата.
Единицата исто така ќе ги координира националните агенции за сајбер безбедност. Комисијата се надева дека единицата ќе стане оперативна на крајот на 2022 година, а првите операции ќе започнат на почетокот на 2023 година. Комисијата исто така ќе објави извештај за безбедносната стратегија и анализата на ризикот на 5G мрежите што се воведуваат во декември.
