Роверот, кој слета во мај, ја постави безжичната камера на земја и потоа се сврте малку назад за да го овековечи моментот.
Десно од Џуџонг се наоѓа платформа со ракетен погон со која ова возило со шест тркала успешно слета на Марс.
Кинески знамиња се прикажани и на роботот и на платформата, пишува ВВС.
Платформата може да се види на друга фотографија направена од роверот.
Можете исто така да ја забележите рампата што Џуџонг мораше да ја спушти за да излезе на површината, како и трагите што ги остави во прашината при вртење.
Третата фотографија го прикажува хоризонтот што се гледа од местото за слетување.
Овој регион е познат како Utopia Planitia – огромен пејзаж на северната хемисфера на Марс.
Сите слики ги објави Кинеската вселенска агенција на церемонијата како дел од успехот на мисијата на роверот.
Utopia Planitia е колосален слив долг повеќе од 3.000 километри, настанат од удар.
Научниците се надеваат дека Џуџонг ќе служи најмалку 90 дена на Марс.
Роботот е многу сличен на возилата на Американската вселенска агенција (НАСА) „Spirit“ и „Opportunity“ од 2000-тите, а тежи околу 240 килограми.
Високиот јарбол носи камери што се користат за фотографирање и како помагало за навигација.
Со помош на пет дополнителни инструменти, роботот ќе ја истражува минералогијата на карпите и природата на животната средина, вклучувајќи ги и временските услови.
Како и американските ровери, и Џуџонг има ласер кој ги сече карпите, поради тестовите на хемиската структура, како и радарот што бара подземни води.
