Комерцијалните авиони не се познати по напредната технологија, бидејќи тие генерално остануваат исти со децении.
Но, новиот дизајн привлекува внимание, особено затоа што целта на авионската индустрија е да ја намали потрошувачката и емисијата на гориво.
Концептот на новиот авион неодамна го претстави компанијата „SE Aeronautics“, а неговиот пристап кон дизајнот е невообичаен бидејќи авионот има три пара крилја, двојни опашки и два задни мотори, пишува Klix.

Станува збор за прототип SE200, авион кој може да собере 264 патници, и кој ќе троши 70 проценти помалку гориво од другите авиони со слична големина. Ќе може да лета 16.900 километри без потреба од слетување, а неговата максимална брзина ќе биде нешто повеќе од 1.110 км на час. Оваа брзина е поголема од брзината на авионите од иста класа. Исто така, дополнителен пар крилја создава поголема пловност, што резултира со пократко полетување и слетување, со што се овозможува употреба на помали аеродроми.
Новиот концептен авион нема да има гориво во своите крилја, поради што дизајнерите можеа да се фокусираат на потенки и аеродинамични дизајни. Во овој случај, горивото ќе биде во резервоарот над трупот. Прототипот има интегрирана едноделна монококна структура која ќе биде посилна и побезбедна од постојната, која се распаѓа во случај на несреќа, бидејќи е составена од делови.
Покрај тоа, употребата на композитни материјали ќе го направи авионот еден од најекономичните, а неговиот животен век ќе трае 50 години. Производството на авиони ќе биде двојно побрзо, а директорот на „SE Aeronautics3, Тајлер Метјуз изјави дека овој концепт ќе донесе револуција во авионската индустрија.
Во изминатиов период беа презентирани неколку различни концепти на авиони насочени кон економијата, а меѓу нив авионот „Flying-V“ е развиен за да биде економичен, да прими 314 патници и да покрива големо растојание.

