16.8 C
Skopje
среда, март 27, 2024

Царовска: Дигитализацијата на учебниците не е тренд, туку реална потреба на учениците

Целата реформа на образованието е фокусирана на потребите на учениците. Најавените промени носат предизвици и за родителите и за наставниците, што е вообичаено кога се случуваат реформи, рече министерката за образование и наука Мила Царовска одговарајќи на новинарски прашања.

„Учениците на таа возраст имаат потреба од современи алатки, кои за период од 20 години ќе им бидат потребни за да можат да се справуваат со предизвиците со кои тогаш ќе живеат“, рече Царовска.

Беспредметно е да се делиме за и против дигитализација кога целиот свет се дигитализира. Дотолку повеќе што државата и образовниот систем покажаа дека за само еден месец можат да ја трансформираат наставата и таа во континуитет веќе три тромесечја се одвива дигитално, што само пред две години се сметаше за невозможно.

“Никогаш не сме сигурни со какви предизвици нашата држава и нашите ученици ќе треба да се справуваат за три, пет, седум години. Дигитализацијата не е тренд, таа е потреба. Не само затоа што полесно пристапувате до материјалот, туку затоа што содржините, коишто можат да бидат поставени во дигитален учебник се многу посовремени, поинтересни и поскокотливи за учениците, за да ги заинтересираат“, посочи Царовска.

На учениците им се здодевни содржините во застарените и неприлагодени учебници, кои не можат да го задржат нивното внимание. Нивниот свет се дигиталните уреди, тие постојано се изложени на анимација, но таа не може да се постави во печатен учебник.

Од друга страна, реформата не значи исфрлање на учебникот, и како што нагласи Царовска, тоа е погрешна слика што некој се обидува да ја постави. Министерката ги повика родителите да се информираат и детално да ги следат одговорите на прашањата што ги пласира Министерството за образование и наука, како надлежна институција и да не подлегнуваат на партиски манипулации на социјалните мрежи.

„До лани, главна дискусија меѓу родителите беше тежината на ранците и на секоја родителска средба се дискутираше како да ги спасиме учениците од тешките ранци со неквалитетни учебници, коишто се непотребни. Дигатилизацијата е едно од решенијата за тоа. Но, учениците добиват и можност да добијат хартиена верзија, аудио верзија, верзија на Брајово писмо, што за прв пат се поставува, за да можат сите ученици да имаат пристап. Со дигитализацијата и помалубројните етнички заедници ќе добијат учебници на мајчин јазик. Тие до вчера немаа учебници затоа што некој немал интерес да им ги испечати, не му било исплатливо, но со дигитализацијата тие ќе бидат достапни на сите јазици“, рече министерката.

Дигитализацијата значи и насочување и интерактивно учење на ученикот. Ученикот учи дека не е еден изворот на информирање, туку се повеќе. На овој начин за прв пат се прави обид за драстичен скок во квалитетот на наставниот материјал. Но, од прво до трето, кога учениците имат потреба од стекнување на вештини и знаења и создавање на однос кон книгата, учебниците се печатени, со соодветни илустрации и бои. При тоа, секој наставник ќе треба да посочува и дополнителна литература. Дигиталните учебници се изготвуваат за четврто одделение, по новата наставна програма, заради тоа што таа бара интерактивност и ги насочува учениците кон истражување и решавање на проблеми.

Читај Следно

10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести