16.8 C
Skopje
четврток, март 28, 2024

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Аргентинската Република

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на Алфредо Нестор Атанасоф, новоименуван амбасадор на Аргентинската Република во Република Северна Македонија, со седиште во Софија.

На церемонијата на предавање на акредитивни писма, претседателот Пендаровски рече дека двете држави иако географски далечни, споделуваат исти вредности на демократијата, почитување на човековите права, зачувување на животната средина и ефективниот мултилатерализам, со силен фокус на интегралниот човечки развој.

Истакнувајќи дека минатата и оваа година светот се соочи со најголемата здравствена криза, при што, пандемијата ни покажа дека државите нема да можат целосно да се справат со вирусот доколку отсуствува меѓународна солидарност и силна соработка, претседателот Пендаровски порача дека ниту една земја не може да се спаси самата, туку сите заедно и солидарно.

„Како одговорна членка на меѓународната заедница, Република Северна Македонија им придава значење на односите со сите држави, за доброто на нашите народи, обезбедување и зацврстување на мирот во светот, како и одржлив развој и економски просперитет“,  рече претседателот Пендаровски.

Во таа насока, претседателот Пендаровски истакна дека Република Северна Македонија е подготвена за развивање и унапредување на билатералните односи особено во областа на културата, образованието, земјоделството и економијата.

Амбасадорот Атанасоф истакна дека од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави во 1999 година, изградени се одлични билатерални односи кои се темелат врз заеднички интереси и споделени вредности со силна посветеност заеднички да придонесат за создавањето на еден покооперативен, безбеден и просперитетен свет. Притоа, тој додаде дека меѓусебната соработка во рамки на меѓународните организации е едно од главните достигнувања на двете земји.

Оценувајќи дека изградбата на врските меѓу двете земји е можна благодарение на блиските односи меѓу двата народа, амбасадорот Атанасоф истакна дека е значајна и соработката во областа на културата, особено во областа на книжевноста со преведените дела  на аргентински писатели од македонски преведувачи.

„Убеден сум дека Аргентинците и Македонците ќе можат дополнително да ги зајакнат нашите врски и во други релевантни области, како што се економските и трговските, и во оваа смисла, аргентинската амбасада е целосно подготвена да истражува и да презема заемно корисни активности за обете земји“, рече амбасадорот Атанасоф.

Претседателот Пендаровски на новоименуваниот амбасадор му посака успех во вршењето на одговорната дипломатска функција.

Читај Следно

10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести