Јапонските здравствени власти соопштија дека различни видови на коронавирус го предизвикуваат четвртиот бран на пандемијата.
Мутираниот вид на COVID-19, првпат откриен во Велика Британија, се појави во регионот Осака, се шири побрзо и ги полни болничките легла со посериозни случаи на инфекција во споредба со оригиналната варијанта на вирусот, рече владиниот советник за пандемијата Коџи Вада, пренесува Ројтерс.
- Четвртиот бран ќе биде поголем. Треба да започнеме дискусии за насочени мерки за областа Токио, рече Вада, професор на Меѓународниот универзитет за здравство и социјална помош во Токио.
Новите соеви на вирусот се чини дека се позаразни и поотпорни на вакцините, кои сè уште не се достапни низ цела Јапонија.
Ситуацијата е најтешка во Осака, каде бројот на новозаболени минатата недела достигна нов рекорд, поради што регионалната влада минатиот понеделник ги продолжи мерките за заклучување за уште еден месец.
