14 C
Skopje
среда, април 14, 2021
spot_img

Од 59-тата седница: Владата ги достави во Собрание измените на Законот за попис; Започна постапката за законска гаранција за 100.000.000 евра од ЕИБ за мали и средни претпријатија; Меморандум за соработка со Бехтел&Енка за изградба на автопатски делници

Владата на Република Северна Македонија на денешната 59-та седница го утврди текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија во 2021 година.
 
До Собранието на Република Северна Македонија ќе биде доставен Предлог-закон со внесени измени и дополнувања со кои се одлага пописот за септември 2021 година, односно дека се врши менување на датумите за спроведување на Пописот и дека тој ќе се спроведе во септември оваа година.
 
Една од измените што се предлагаат е продолжување на процесот на самопопишување на граѓаните од дијаспората до крајот на одржувањето на пописот во септември.
 
На денешната седница е усвоена информацијата за статусот на реализација на економски мерки за справување со КОВИД-19 што ја презентираше Министерството за финансии.
 
Според анализата врз основа на која е направена информацијата одговорот на фискалната политика на пандемијата во земјата беше брз и значаен во поддршката на претпријатијата и вработените во најпогодените дејности и на ранливите категории на население и имаше значително влијание кон ублажување на негативните последици на пандемијата врз доходот и потрошувачката на домаќинствата и активноста на деловните субјекти. Фискалниот стимул на досега реализираните мерки изнесува 704 милиони евра, односно 6,5% од БДП.
 
Оттука, се проценува дека преку фискален импулс од 704 милиони евра (6,5% од БДП) падот на економската активност е ублажен, односно без овие мерки падот на економската активност би бил повисок за 3,9 процентни поени во 2020 година, односно би изнесувал -8,4%, наспроти остварениот пад од 4,5%.
 
Со четирите анти-ковид мерки ублажени се последиците и во однос на стапката на невработеноста која во првото тромесечје на минатата година порасна од 16,2% на 16,7%, додека во третото и четвртото тромесечје бележи постепено намалување на 16,5% и 16,1% соодветно, со што просечната стапка на невработеност во 2020 година изнесува 16,4%.
 
Просечната месечна нето-плата во 2020 година, согласно предвидувањата, забележа раст од 7,8%, кој произлегува од мерките преземени пред пандемијата, како што се: зголемувањето на нивото на минимална плата, владината мерка за финансиска поддршка на работодавците коишто ќе извршат зголемување на платата до одреден износ, зголемените плати на вработените во јавниот сектор во септември 2019 година, како и дополнителното зголемување на платите во образованието и здравството во 2020 година.
 
Владата денеска го утврди текстот на Предлог-законот за гаранција на Република Северна Македонија на обврските по Финансискиот договор за одговор на Северна Македонија на КОВИД-19.
 
Предлог-законот, кој е доставен на усвојување во Собранието, е наменет да го поддржи финансирањето на малите и средни претпријатија и средно пазарно капитализирани претпријатија, кое ќе се оствари со договор меѓу Европската инвестициона банка и Развојната банка на Северна Македонија АД Скопје со кој ќе се 100.000.000 евра свеж капитал за поддршка на нови проекти, нови вработувања, зголемена ликвидност на стопанството и зголемен извоз.
 
На денешната седница е донесена одлука за исплата на 100.000.000 денари  од Програмата за справување со КОВИД-19 од Буџетот на Република Северна Македонија на „Тутунски комбинат“ А.Д. Прилеп за да се реализира заклучокот на Владата од седницата на 18 март за привремената поддршка за откуп на вишокот тутун од реколтата од 2020 година, со обврска Тутунскиот комбинат овие средства да ги врати во Буџетот до 10 декември 2021 година.
 
Владата денеска го одобри текстот на Меморандумот за разбирање помеѓу компаниите Бехтел&Енка (Bechtel&Enka) и Владата на Република Северна Македонија за соработка за проектна подготовка и изградба на автопатските делници Тетово – Гостивар – Букојчани, и Требеништа – Струга – Ќафасан, од Коридорот 8, како и изградба на автопатската делница Прилеп – Битола од Коридорот 10д.
 
На оваа седница е утврден и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за финансиска поддршка за намалување на последиците предизвикани од КОВИД-19 врз производството, откупот на грозје и винската индустрија со кој се проширува листата на корисници на финансиската поддршка со:

– Производители на вино запишани во регистарот на производители на вино кои винското грозје произведено од сопствен насад го преработиле во сопствените капацитети за производство на вино, и
– Земјоделски стопанства кои самостојно извршиле извоз на винското грозје кое го произвеле од сопствен насад.
 
Владата денеска донесе Одлука за давање на согласност за давање под долготраен закуп на градежно земјиште сопственост на Република Северна Македонија на Друштво за изградба и управување со енергетски централи СПХ – МБ ДООЕЛ Скопје, која како странска инвестиција на територијата на Општина Македонски Брод ќе гради енергетски централи за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија – фотоволтаици, со инсталирана моќност од 10 MW.
 
На предлог на Канцеларија на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, на денешната седница е донесена одлука за формирање на координативно тело за поддршка и одржлив развој на Преспанскиот Регион  кое во соработка со Делегацијата на Европската комисија во Скопје, како и со другите државни институции и локалната самоуправа на Ресен ќе работи на осмислување и навремена реализација на проектите кои се планирани во регионот на Преспа.
 
На денешната седница Влада донесе одлука за основање на Културно-информативен центар на Република Северна Македонија во Загреб, Република Хрватска.
 
Основањето на  Културно–информативен центар на Република Северна Македонија  во Загреб, Република Хрватска, ќе придонесе за ефективна промоција и афирмација на традицијата, културата и уметноста на Република Северна Македонија во оваа држава преку долгорочно изградена стратегија за презентација на Министерството за култура.

Читај Следно

10,348FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести