11.8 C
Skopje
петок, април 19, 2024

МВР се засили со нови 569 полицајци, од кои стотина се жени

„Огромно задоволство за еден министер за внатрешни работи претставува можноста да ги поздрави и да им честита на новите припадници на полицијата, идните полициски службеници и наши нови колеги во Министерството за внатрешни работи“, истакна министерот Оливер Спасовски на пригодната церемонија по повод свечената Промоција на нови полициски службеници – генерација 2019-2020 година, која се одржа денеска во Центарот за обука на МВР во Идризово, а на која покрај раководството на МВР, присуствуваа и претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, првиот заменик на претседателот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби,  претставници на дипломатскиот кор во земјава.


Упатувајќи честитки и до родителите, кои промоцијата ја следеа онлајн, согласно условите за заштита на здравјето во пандемија, министерот Спасовски рече: „Секој поединечен и генерациски успех, особено кога станува збор за млади луѓе, претставува успех на сите нас, посебно на вас родителите, заедничка гордост, но и обврска да продолжиме уште поамбициозно и посилно во деновите и годините пред нас“,  додавајќи  дека посебно се радува што сите 569 кандидати, кои што ги минаа ригорозните конкурсни селекции, ја завршија едногодишната обука со солиден успех, како една од поуспешните полициски генерации во изминативе десетина години.

„Како награда за вашата посветеност најдобрите од вас ќе имаат можност да бираат во која организациона единица во МВР би сакале да ја продолжат својата професионална кариера. Огромно задоволство ми  причинува фактот што оваа генерација може да се пофали со зајакнување на родовата рамноправност, односно 100-тина од новите полициски службеници се жени, чија улога е извонредно важна во полициското работење“, додаде Спасовски.

Тој им порача на идните полициски службеници дека очекува целосна посветеност на работата, отвореност, одговорност, чесност и хуманост – квалитети што претставуваат  основа на професионалните стандарди и посочи: „Вие заедно со нас ја преземате задачата да се борите со сите предизвици и сите видови на криминал со кои се соочува едно општество. Притоа мора да имате предвид дека со оваа униформа во залог ги добивате сите успеси постигнати во минатото и сиот углед на таа полициска униформа којшто го стекнувале и граделе генерациите пред вас и да бидете свесни дека единствено со таква мисла и уверување ќе можете да дадете свој полн придонес во остварувањето на новите цели на нашето општество и изградба на полиција како институција што ќе биде исклучиво во служба на граѓаните! Притоа, јасно уверувајќи ги граѓаните дека правдата е еднаква за сите, дека законите повеќе не се само обични декларации, туку реални норми во општественото живеење што мора да се чуваат, штитат и почитуваат“.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, упатувајќи срдечни честитки на најновата генерација полициски службеници што ја завршија едногодишната обука во Центарот за обука на Министерството за внатрешни работи, им порача: „Пред сите вас стои една од најблагородните должности – да ги штитите граѓаните, уставот и законите, и да им служите на сите припадници на народите на нашата земја. Сакам да ви честитам и да ве охрабрам во вашата посветеност на спроведувањето на вашите должности кон граѓаните. Таа мисија да ве исполни со гордост, задоволство и исполнетост и со успех да напредувате во професијата, во хиерархијата и за место во најелитните единици на Министерството за внатрешни работи“.
Премиерот Заев изрази уверување дека спроведената обука ги подготви полициските службеници  да ги извршувате задачите најдобро што можат и додаде: „Секоја задача што ќе ја добиете ќе биде важна зашто е во служба на заштитата и на услуга на граѓаните. Зашто е во насока на заштита на безбедноста на граѓаните, и во заштита на правото и правната држава. Извршувајте ги вашите обврски со интегритет и видлива компетенција за да бидете пример и да ги охрабрите другите во оваа одговорна мисија. Така лично ќе ја стекнете довербата на граѓаните и на тој начин ќе учествувате и во подигањето на довербата на граѓаните во полицијата“.  Тој упати честитки до инструкторите од Центарот за обука кои со успех создадоа уште една генерација полициски службеници и до МВР за  грижата за континуитет во обезбедувањето на професионални кадри.

Пред присутните на промоцијата се обрати и помошник министерот Гоце Бачанов, раководител на Центарот за обука. Објаснувајќи го современиот модел на едукација на Центарот за обука при МВР, препознатлив по својот квалитет во регионот и пошироко, Бачанов подвлече:  „Моделот на полициска едукација што се практикува овде во Центарот за обука, се заснова на суштински активности и компетенции каде што кандидатот е во центарот на вниманието, додека обучувачот е олеснувач во тој процес. Во исто време учењето е интегрирано во работата – идното работно место, кој што сегмент има клучна улога во процесот на обука“.

Раководителот на Центарот за обука потсети дека и покрај тоа што обуката се одвиваше во отежнати услови на светска пандемија со ковид-19, со многу голема заложба, волја, упорност и посветеност се постигна успех во изнаоѓање на начин и форма да се стекнат неопходните знаења, вештини и компетенции неопходни за идната професија полицаец.  Бачанов информираше дека генерацијата со вкупно 607 кандидати за полициски службеници основната обука за полицаец  2019/2020  ја започнаа на 23.12. 2019, а успешно ја завршуваат 569 кандидати.
„Направете да се гордееме со вас уште повеќе, како што се гордееме со вас сега, да слушаме за вас и вашите успеси и во иднина. Центарот за обука и во иднина ќе биде ваше место каде што ќе ја продолжите вашата континуирана надообразба“, порача Бачанов, изразувајќи благодарност на Француската Амбасада во Република Северна Македонија  што на 14 кандидати од оваа генерација  на полициски службеници им овозможи  успешно да го завршат првиот степен од изучувањето на францускиот јазик, за што добија и сертификати.

На церемонијата беа доделени плакети за 13 најдобри кандидати од оваа генерација, а за најдобар од генерацијата 2019/2020 беше прогласен Роберт Коруновски, на кого му беше доделена свечена плакета од претседателот на Владата, а доби и пригоден подарок од Македонскиот полициски синдикат, по што сите кандидати  за полициски службеници дадоа свечена изјава.  

Читај Следно

10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести