Мицкоски за претседател на ВМРО-ДПМНЕ беше поставен токму од Сашо Мијалков
Јас многу добро знам дека Мицкоски беше поставен и протежиран токму од Сашо Мијалков и вчера пробуваат да се перат со некоја изјава дека 15 години имало криминална коалиција помеѓу Мијалков, Заеви и не знам кој. Ако вратите 15 години, тоа значи од 2006г. Значи од 2006г имало ваква коалиција? Тие тоа не го знаеле? Па Мицкоски беше генерален секретар на таа партија и директор на ЕЛЕМ. Тој бил од некаква криминална коалиција? Тоа вчера ни го обзнанија?, потенцира поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров во вечерашното гостување во “Топ тема” на Телма.
-Ја се чудам на правецот на секоја комуникација што го имаат. Наместо да се обратат на неопределените да ги повратат тие гласови што условно кажано сме ги изгубиле…Ние имавме 485.000 гласови, сега сме сведени на 300.000, на следните локални избори може и под таа бројка ВМРО-ДПМНЕ да оди. Тоа се сериозно голема бројка на изгубени гласови, заради правецот на комуникацијата. Или е без став или е контрадикторен став, еден ден едно, друг ден друго или пак е цело време напаѓачки, нахално итн. Не можеш така да привлечеш неопределени, рече Тодоров.
ВМРО-ДПМНЕ на чело со Мицкоски не може да победи
-Мицкоски ја води партијата во погрешен правец. ВМРО-ДПМНЕ на чело со Мицкоски не може да победи. Јас сметам дека тој човек треба да си оди што побргу за да ВМРО-ДПМНЕ може да го победи СДСМ. Се осеќам крив затоа што не прифатив да бидам лидер на ВМРО-ДПМНЕ затоа што партијата ќе одеше во друг правец. Не ми е јасно како не може да го победи СДСМ со толку многу грешки. Јас мислев дека на последните избори ВМРО-ДПМНЕ ќе се прошета, со 10-15 пратеници разлика. Доколку таму имаше лидер со искуство, со визија и со тоа да знае што точно да понуди на граѓаните, ние сега ќе имавме различна ситуација, рече Тодоров во вечерашното гостување на Телма.
Тој обзнани дека разединувањето помеѓу него и Мицкоски настанало за време на референдумот.
-Ние во тој момент сметавме дека ВМРО-ДПМНЕ треба да излезе и гласа против или воздржано на референдумот и ќе капитализиравме 450.000 гласови, потоа ќе имавме претседател на државата и ќе победевме на парламентарните избори. Тоа е стратешката грешка што ја направи Мицкоски, рече Тодоров.
Мицкоски со сите постапки што ги прави, му помага на Заев
-Мицкоски направи многу добар потег кога заедно мене и Мијалков не исклучи од партијата. Тој многу добро знае дека во тој период јас и Сашо бевме скарани токму заради тоа што јас не мислев дека Мицкоски треба да биде избран за лидер. И тогаш но и сега мислам дека тој немаше доволnо политичко искуство , тежина, стратегија и визија за тоа во кој правец треба да ја води партијата и поради тоа што беше многу близок со кадрите од ВМРО-Народна. Ние имавме сериозна кавга со Сашо тогаш и долго време воопшто не разговаравме. Мицкоски стана претседател и се оствари тоа што јас го претчувствував и знаев дека партијата ќе ја носи во сосема погрешен правец, рече Тодоров во вечерашното гостување на Телма.
Тој посочи дека сега во партијата има две опции. Или Мицкоски или победа на ВМРО.
-Ако Мицкоски остане тоа ќе биде во корист на СДСМ. Со сите постапки што ги прави тој, му помага на Заев, потенцира Тодоров.
