6.8 C
Skopje
понеделник, ноември 23, 2026

Од среда почнува вакцинацијата

Вчера пристигна пратката од 4.680 вакцини од Србија, дел од договорените 8.000 вакцини. Овие дози се донација од страна на Србија, а како што беше соопштено со овие дози од среда започнува вакцинацијата во земјава.

По примопредавањето на вакцините министерот за здравство Венко Филипче истакна дека денеска ќе се заврши регуларната процедура во Агенцијата за лекови, за да може да започне вакцинацијата.

– Вакцините се сместени во фрижидерите во Институтот за трансфузиологија. Вакцините се развиени на безбедни платформи и со нив ќе го спречиме ширењето на Ковид-19. Македонскиот здравствен систем е целосно подготвен за имунизација на населението, информираа од Министерството за здравство.

Први ќе бидат вакцинирани здравствените работници во модуларната болница во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.

Вакцинацијата ќе се одвива во три фази согласно утврдениот Национален план за имунизација на населението. Во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се во првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција. Во оваа фаза, предвидено е да се вакцинираат и постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смрт исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, и лица постари од 70 години.

Кон средина на месецов се очекуваат и 200 илјади вакцини од кинеската компанија „Синофарм“. Во земјава треба да пристигнат и дополнителни дози од „Фајзер“ кои се обезбедени од директните преговори со компанијата, како и дози преку Ковакс системот.

Од Министерството за здравство информираа дека досега се пријавени 4000 здравствени работници за вакцинација против Ковид-19 од кои околу 2000 здравствени работници се од Скопје, а останатите се од другите градови.

Вкупно 43.335 граѓани досега искажале интерес за вакцинирање против Ковид-19 преку веб-страницата „Vakcinacija.mk“. Преку матичните лекари пријавени се 13.511 лица, информираа за МИА од Министерството за здравство.

Премиерот Зоран Заев примопредавањето на првите вакцини од Србија го оцени како чин на огромна солидарност, пријателство и прва помош од братскиот српски народ кон македонскиот народ и искрен чин на пријателство

-Иницијативата е на претседателот Вучиќ со кој редовно имаме комуникација и сакам да му се заблагодарам и на него и на премиерката Брнабиќ и на сите луѓе кои работеа сите овие денови. Веројатно првпат се случува да се добие една ваква согласност од „Фајзер“ која веројатно ќе значи многу помош насекаде во светот преку вакви акти на солидарност, рече Заев.

Ова, посочи, е првата пратка, а овие денови ќе стигнат и останатите вакцини.

-Многу е важно што првите вакцини  во нашата земја стигнаа токму од братска и пријателска Србија и што ќе ги покријат сите здравствени работници – лекари, медицински сестри и сите што работа во ковид центрите ширум земјава, додаде премиерот Заев.

Српскиот претседател Вучиќ посочи дека примопредавањето на вакцините можело да се случи и пред 10 дена, но имало многу проблеми со добивањето дозвола од „Фајзер“ заради многу строгите процедури и се заблагодари што конечно тоа им било овозможено

– Примопредавањето мораше да се направи по неверојатно сложени процедури и среќен сум што ќе може да почне имунизацијата на граѓаните во Северна Македонија и пред некои други земји во регионот и во овој дел од светот. Среќен сум што така можеме да им помогнеме на нашите браќа и пријатели. Србија нема никакви други интереси освен да покаже пријателство кон македонскиот народ и сите граѓани на Северна Македонија, рече Вучиќ.

Тој истакна дека вистински пријател е тој што ќе ти се најде кога ти е тешко и кога си во неволја и кога ти е нешто потребно, а не кога секогаш е се лесно и убаво. – Сите се соочуваме со проблемот на коронавирусот и верувам дека овие вакцини ќе бидат доволни за најголемиот број лекари и медицински персонал. Со овие вакцини секако ќе спасите неколку животи, а секој живот за нас има најголема вредност, рече Вучиќ

Читај Следно

10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести