Поранешниот пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и делегат Васко Наумовски му одговори на навредите на Христијан Мицкоски.
“Почитуван г. Мицкоски
‼Јас како поранешен пратеник, член и актуелен делегат, верував во ветувањата за сплотување и единство во партијата, враќање на победничките патеки, зголемена меѓународна поддршка на партијата и затоа на конгресот во Валандово го дадов својот глас за тебе. Од тогаш поминаа години и ништо од обеќањето, а за жал ВМРО-ДПМНЕ продолжува да нижи порази, а членството во партијата е поделено, стратешките сојузници не гледаат партнер во ВМРО-ДПМНЕ и најтажното е што во обраќањата што деновиве ги употребувате го продлабочува расколот и ги демотивира членовите, а исто така ги одбива поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ.
‼Читам и не ми се верува, а јас колку што помнам, вакви јавни навреди кон сопартијците немало никогаш до сега во партијата. Зошто навреди и омаловажувања кон сопартијците, поточно кон делегатите кои те бираа во Валандово?
‼ Верувам дека добро си запознат и информиран дека против мене нема ниту една кривична пријава или постапка и можам да кажам дека не слугувам никому, а уште помалку имам некој што може да ми каже што да правам и како да размислувам. Тоа е доволна причина да дадеш отчет за сработеното во овие три години и мислам дека нема ништо лошо во тоа што го барам јас, а и останатите сопартијци.
Знаеш и сам како во моментов функционира актуелното судство и обвинителство.
Знаеш и сам колку наши сопартијци се жртви на политички прогон и немаа сите “среќа” обвинителството да се повлече како во случаите “Дебар Маало”, “Теретана” или “Хидроцентрали“.
Тоа што дел од делегатите се борат за правда, мислам дека не ги прави ничии слуги, туку тоа се истите луѓе кои те бираа и нивниот глас ти значеше во Валандово, а сега за жал ги омаловажуваш.
‼Затоа би било добро да се надмине суетата, бидејќи се работи за ВМРО-ДПМНЕ и за Македонија. Најдобронамерно те советувам да се охрабриш и излезеш пред сите нас што те избравме во Валандово и те поставивме да бидеш таму каде што си сега.
‼За крај те молам да запомниш дека моќта не е во функцијата, туку во човекот.
‼Те очекуваме на 28 март, да присуствуваш исто како што во Валандово присуствуваше.
Да живее ВМРО-ДПМНЕ, да живее Македонија !” – пишува Наумовски на фејсбук.

