Дволичноста или хипокризијата е особина кога се практикува некое однесување за кое се критикува другиот или се пропагираат одредени стандарди до кои не се придржувате или немате намера да се придржувате.
Подрастичните примери може да се квалификуваат како психолошки нарушувања, а во литературата најпознат пример е книгата на Роберт Луис Стивенсон „Чудниот случај на Доктор Џекил и Мистер Хајд).
Меѓу помладите познат е и ликот на Харви Дент кој од адвокат и близок пријател на Брус Вејн, во популарниот Готам на Бетмен, се претвара во негативецот Две-лица, класичен пример на поделена личност.
Вчера Мицкоски на социјалните мрежи објави дека непотребната иницијатива за собирање потписи му била вратена од страна на Претседателот на Собранието.
„Владиното мнозинство не ја прими граѓанската иницијатива за одложување на пописот кој е очигледен фалсификат. Изговорот е дека не постоела институцијата Собрание на Република Македонија. Кој се плаши и бега од сопствениот народ срамно завршува. На утрешната седница на Централниот комитет ќе предложам да отпочнеме со собирање на граѓански потписи во градовите и селата. Никој не победил народ. Ќе ги имаме потписите од пратениците и потписите на народот.“ објави Мицкоски.

Пред само седум месеци, кога се надеваше дека може да добие поддршка од меѓународниот фактор, Мицкоски немаше никаков проблем да биде премиер на Влада на Република Северна Македонија.
Уште тогаш во интервју на Телма, Мицкоски наведе дека тој веќе ја прифатил реалноста.
„Нашиот став го имаме кажано многу пати. Ние би биле лицемери ако ја игнорираме реалноста. Како и секогаш, велам дека не можеме да ја игнорираме реалноста, бидејќи учествуваме на избори и сме дел од влада на која стои новата придавка. Имаме учесник во таа Влада со новата придавка и зема плата. Би бил лицемерен, ако кажам дека тоа не е така. Ќе излезеам несериозен ако речам дека ова е фикција, а ВМРО-ДПМНЕ е сериозна партија“, изјави Мицкоски.

Слична изјава даде и неколку дена порано на Радио Слободна Европа, медиум кој исто така важи за прозападно ориентиран.
„Истовремено сме кажале дека сме против таа капитулација што ја донесе Зоран Заев потпишувајќи го Преспанскиот договор, но истовремено сме кажале дека ние реалноста нема да ја игнорираме, но истовремено сме кажале дека нема никогаш дозволиме оганот македонски да згасне се додека постои ВМРО-ДПМНЕ, ние ќе се бориме за Македонците, за Mакедонија и се што е поврзано со придавката македонски“ гласеше конфузната изјава на Мицкоски.

Што го натера Мицкоски повторно да ја смени плочата и дали оваа промена дефинитивно значи дека им го врти грбот на западните партнери и се бори да ја зачува функцијата и по цена на нов пораз на локалните избори, ќе се знае наскоро.
Поднесувањето на иницијативата за собирање потписи е апсурдно само по себе , затоа што Мицкоски би можел да го поништи законот и без потписите доколку има поддршка од мнозинство пратеници.
Во конкретниот случај грбот му го завртеа и Алијанса на Албанците и Алтернатива, а Левица веќе го претрка со поднесување иницијатива до Уставниот суд за анализа на уставноста на донесеното решение.
