Раните испитувања укажуваат на тоа дека вакцината против ковид-19 на Оксфорд – Астра Зенека нуди ограничена заштита од лесна форма на болеста предизвикана од јужноафриканскиот сој на вирусот.
Прелиминарните откритија, првпат објавени во Фајненшл тајмс и потврдени од АстраЗенека, сугерираат дека вакцината нуди ограничена заштита од блага и умерена форма на болеста предизвикана од јужноафриканскиот сој. Портпаролот на АстраЗенека рече дека тие сè уште не се во можност правилно да утврдат дали вакцината ќе спречи тешка болест и хоспитализација предизвикана од јужноафриканскиот сој, бидејќи оние кои биле вклучени во студијата биле претежно млади, здрави возрасни лица.
Но, компанијата изрази уверување дека вакцината ќе понуди заштита од сериозни случаи, затоа што создава неутрализирачки антитела слични на другите вакцини за коронавирус. Портпаролот на АстраЗенека изјави дека компанијата и Универзитетот Оксфорд почнале да ја прилагодуваат вакцината против јужноафриканскиот сој, додавајќи дека нова вакцина ефикасна против мутирани верзии на вирусот ќе може да биде подготвена за дистрибуција наесен ако има потреба.
Д-р Мајкл Хед, виш научен соработник за глобалното здравје на Универзитетот во Саутемптон, рече дека ако вакцината на Оксфорд-АстраЗенека дава помала заштита од лесна форма на болеста, но спречува тешка болест, „сепак ќе биде прилично добар исход“.
„Сметам дека засега не треба да бидеме премногу вознемирени од објавените наоди, но треба да ја видиме целосната студија за да откриеме какви се навистина импликациите”, рече тој за Би-Би-Си.
Вакцината на АстраЗенека во Македонија ќе дојде во март и тоа ќе биде првата количина испорачана преку КОВАКС системот. Според информациите од КОВАКС, за земјава се предвидени помеѓу 103.200 и 175.200 дози од оваа вакцина, од кои околу 35% треба да пристигнат во првиот, а останатите во вториот квартал од годината.
