6.8 C
Skopje
среда, март 27, 2024

Ангела Меркел: Пандемијата на коронавирус дава шанса за нов поредок во светската политика

Пандемијата на коронавирус дава шанса за нов поредок во светската политика, сметаат германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, како и други светски политичари.

Светот ќе биде поинаков по пандемијата, рекоа Меркел и Макрон во написот објавен во Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ).

Актуелната криза, според нив, дава можност да се постигне консензус за меѓународниот поредок преку ефекасна соработка, солидарност и координација, односно поредок што ќе се потпира на мултилатерализам и владеење на правото.

Покрај Меркел и Макрон, текстот го потпишаа и претседателот на Сенегал Маки Сал, како и генералниот секретар на ООН Антонио Гутереш, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел .

„Кризата со Ковид-19 е најголемиот тест за светска солидарност“, подвлекуваат тие, додавајќи дека и само едно место во светот да е погодено од овој вирус, тогаш сите луѓе и економии ширум светот се загрозени. Од тоа, посочуваат тие, потребно е да се извлечат поуки за идните кризи.

„Наместо да ги користиме културата и вредностите едни против други, ние мора да градиме поинтегративен мултилатерализам. Притоа, мора да обрнеме внимание на сите наши разлики, како и на нашите заеднички вредности кои се дел од Конвенцијата за човекови права“, подвлекоа светските лидери.

Тие истакнуваат дека не е само пандемија таа која бара силен и меѓународно координиран одговор, наведувајќи ги како примери предизвиците, како што се глад, екстремна сиромаштија, болести, економски потреси, конфликти и климатски промени.

Тие повикаа на посилно залагање за демократија, образование и еднаквост, како и на борба против национализмот и протекционизмот. Предлагаат потесна соработка на меѓународните форуми како што се Г7 или Г20.

Во здравството, лидерите побараа поправеден и побрз пристап кон тестовите, третманот и вакцините.

Во заедничкиот текст тие се осврнаа и на климатските промени, нагласувајќи дека сите влади, компании, градови и финансиски институции треба да учествуваат во намалувањето на штетните емисии на гас.

„Заштитата на животната средина и здравјето, како и социјалните стандарди, мора да бидат во фокусот на нашите економски модели и истовремено да ги овозможат потребните иновации“, додаваат тие.

„Треба да осигураме дека глобалниот развој ги опфаќа сите. Сега мора да обезбедиме зголемена поддршка за земјите во развој, особено во Африка“, заклучуваат дел од светските лидери во заедничкиот текст.

Читај Следно

10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести