Повеќе од дваесет француски полицајци се соочуваат со внатрешна казна затоа што организирале забава во полициската станица каде биле снимени како танцуваат на Макарена и ги кршат правилата за заштита од вирусот.
Портпаролот на седиштето на полицијата денес изјави дека на оние кои присуствувале на забавата во париското предградие Обервил им било наредено да достават извештај за своите активности и дека се планирани санкции.
Тој не ги опиша детално планираните казни, објави АП.
Забавите и дружењето се забранети во сите полициски установи, додека во исто време, потребно е да се носат маски и да се придржувате кон социјалното растојание, а бројот на дозволени лица во секоја просторија е ограничен, рече портпаролот.
Видеото од настанот, објавено на „LoopSider“, прикажува неколку луѓе како танцуваат без маски во преполната просторија.
Видеото предизвика критики во време кога француската полиција спроведува полициски час од 18 до 06 часот наутро во обид да го намали ширењето на вирусот.
