Нарекувајќи го криминалец и прашувајќи дали е тој нарачател на „27 април“, експратеникот Крсто Мукоски му возврати на актуелниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, кој го спомена коментирајќи ги настаните во САД. Мукоски за „А1он“ вели дека тој и другите пратеници го издржале својот дел за она што го сториле, а прашува зошто Милошоски не одговара за тој настан.
„Иако криминалецот Милошоски не заслужува одговор, ќе го потсетам дека токму тој, лично, беше споменуван од сведок во судскиот процес дека ги насочувал луѓето во прес-салата и им кажувал: ‘Качете се, горе е Заев’. Од каде ја имал информацијата и со кого се координирал? И ќе го прашам, дали тој лично е нарачател на ’27 април’? Дали тој се залага за помирување и слобода за сите луѓе што учествуваа во тој настан или тој го осудува и ги оправдува овие пресуди? Зошто лично не учествуваше во изготвување на Законот за амнестијата, а беше понуден, и тој го гласаше за сега злобно и безлично да критикува? Иронија и лицемерство до бескрај. И на крајот, Крсто Мукоски и другите го издржаа својот дел за она што несвесно и без зла намера го сторија, но прашувам дали тој и таквите како него ќе одговараат за тој настан?“, вели Мукоски откако Милошоски го прозва на Фејсбук.
Реакцијата на Мукоски во целост можете да ја прочитате на: „А1он“
Предходно пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски на својот фејсбук ја анализираше ситуацијата која се случи во Америка со влегувањето на демонстрантите во Капитол Хил. Тој вели дека Америка никогаш нема да си дозволи да амнестира некој од нив, како што беше случајот во Република Македонија со Крсто Мукоски и останатите пратеници кои гласаа за промена на името.
– Насилството во Конгресот во Вашингтон кое однесе 4 жртви и остави длабока лузна во американската демократија, е за осуда. За ваквиот чин во најмала рака одговорност мора да сносат нарачателот и извршителот на насилството, односно оној кој овозможил толпата да влезе во Конгресот. Нивната одговорност ќе биде порака дека насилството е казниво и неисплатливо, а демократијата е правдољубива.
САД се држава која не верувам дека би си дозволила оној кој ги отворил вратите на Конгресот, како Крсто Мукоски во Македонија, да биде амнестиран од власта и судот. Во Македонија токму извршителот што ги отвори вратите за насилството на 27-ми Април беше амнестиран, а потоа стана и сојузник на владата и беше богато наградуван со милионски тендери за семејната фирма, со што се испрати порака дека доколку си послушен џубокс пратеник како Мукоски, насилството се исплати и финансиски, и политички . Бонус за “вратарот на насилството” во Македонија беше моментот кога истиот како дел од државната делегација во 2019та беше на аудиенција кај Папата Франциск, со што актуелната власт на Мукоски му организираше и еден вид на морално помилување среде Ватикан.
Затоа, немилите настани од Вашингтон мора да имаат правна разрешница, а нарачателот и извршителот да одговараат, со цел да се спречи понатамошно поларизирање на општеството на највлијателната демократија во светот. Ова ќе биде првиот предизвик за новоизбраниот претседател Бајден, напиша Милошоски на Фејсбук.