Италија од денес е во црвена зона. Владата одлучи да ја затвори земјата пред Божиќ од 24 до 27 декември и од 31 јануари до 3-ти како и на 5-ти и 6-ти јануари, со цел да се избегнат собири на луѓе и ширење на инфекцијата.
Повеќето Италијанци велат дека не разбираат што им е дозволено и што не смеат, па затоа голем број од нив се шегуваат на социјалните мрежи за деновите кога Италија е во црвената зона и за оние во кои се наоѓа во портокаловата зона.
За да се справат со сите овие правила, Италијанците мора да имаат календар и пенкало при рака и да обележат што смее во кои денови, кога се отворени продавниците, кога е дозволено да патуваат од една во друга општина, за што е потребен автосертификат и сл.
За Италијанците кои се навикнати да ги поминуваат Бадник и Божиќ со своето семејство, ова ќе биде сосема поинаков празник без да седат на маса со сите нивни роднини, прегратки и бакнежи и да разменуваат подароци.
Најновиот декрет им овозможува на роднините и пријателите да се посетуваат само еднаш дневно, и само на две лица во придружба на деца на возраст под 14 години, додека виролозите објаснија што се препорачува како претпазливост за време на празниците.
Збир на правила
Професорот од болницата Сан Рафаеле во Милано, Карло Сињорели, за медиумите изјави дека доколку луѓето сакаат да имаат помал ризик од инфекција, треба да држат дистанца и да седат на масата на метар и половина подалеку од другата личност.
Потоа им се препорачува на луѓето да се воздржат од прегратки, да не користат исти салфетки и да бидат внимателни да не користат исти чаши или чинии, но и да внимаваат на приборот за јадење да не се зема со него храна од заедничките чинии за послужување.
Доколку остане дел од храната, се вели дека е подобро таа храна повторно да се загрее на температура од 60 степени за да се убијат сите вируси и бактерии. Тој исто така препорачува на другите членови на семејството да не им се даваат своите мобилни телефони.
Потребно е да се заборави на пеењето, бидејќи така инфекцијата преку капки се шири најмногу. Исто така, секој мора да користи свој пешкир и потребно е често да ја проветрувате просторијата, барем на секои половина час.
На влезот, гостите треба да ги соблечат обувките и да им дадат влечки што ќе бидат фрлени по употреба. Се советува децата да не пристапуваат кон возрасните затоа што се носители на вирусот, размената на подароци да се изврши брзо без никаков контакт и да нема здравици на масата.
Задолжителен сертификат за напуштање на домот

Од денес, секогаш кога земјата е во црвената зона, Италијанците мора да имаат сертификат што ќе го оправда напуштањето на домот, додека органите за спроведување на законот ја зајакнаа контролата на градските улици и патишта.
Полицискиот час е сè уште во сила од 22 до 5 часот наутро.
Животот на повеќето Италијанци премина во виртуелната реалност уште од почетокот на епидемијата, така што изобилуваат реклами за онлајн Божиќ и размена на честитки со бабите и дедовците преку мониторите.
Божиќ 2020 година е тажен празник за многу семејства на 70.900 луѓе кои починаа од ковид додека за оние што се опоравиле, тоа е празник со посебно значење.
Значи, Божиќ што Италијанците никогаш не го доживеале, но кој сигурно нема да го заборават.
