Наместо да ги подобри односите, Мицкоски ќе го дотурка ВМРО-ДПМНЕ до црна листа кај меѓународните партнери
Не само што не успеа да ги возобнови пријателствата на ВМРО-ДПМНЕ со западните партнери, туку Мицкоски дополнително ја изолираше партијата. Важните одлуки се носат без никакви консултации или учество на партијата, а процесите си течат и со и без ВМРО-ДПМНЕ.
Веднаш откако беше избран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски беше поздравен од партнерите во Европската народна партија. „Честитки до Христијан Мицкоски за неговиот избор за претседател на ВМРО-ДПМНЕ. На Македонија и треба силна опозицијата во парламентот за заеднички да се преземат неопходните реформи и да се решат проблемите кон евроатлантскиот пат“ порачаа пред три години од ЕПП преку нивниот твитер профил.

Последниве денови ВМРО-ДПМНЕ успеа да заработи и деманти од земји како Чешка и Словачка заради лагите изречени дека наводно Мицкоски одработил за тие да ги блокираат барањата на соседна Бугарија. Ваков срам немало досега за ниедна партија на домашната сцена.
Пред десетина дена заради ваквите лажни информации, во меѓународен извештај Мицкоски и партијата беа карактеризирани како извори на лажни вести. Мицкоски вообичаено ги отфрли наводите и најави дека Претседателот на комитетот за надворешни работи на ЕП ќе реагирал жестоко на студијата за лажните вести. Поминаа десетина денови од тогаш, а реакцијата на Дејвид Мекалистер сеуште ја нема.
Претходно Мицкоски беше обвинуван за ширење на лажни вести кога партијата се повикуваше на извештаи на Обединети Нации и кога си ја припишуваше словенечката помош за справување со Ковид кризата, а нивното Министерство за одбрана.
Самиот Мицкоски својата кариера како прв човек на ВМРО-ДПМНЕ ја почна со „кавгаџиско писмо“ до Вес Мичел, помошник државен секретар на САД. Тоа писмо следеше како реакција на ставот на стратешките партнери на Македонија кои изразија разочараност од Мицкоски.
„Разочарани сме од позицијата на раководството на ВМРО-ДПМНЕ во однос на референдумот и уставните промени. Апелираме да создадете простор, јавно и приватно, за пратениците од вашата коалиција да можат да решат како што тие сакаат за време на гласањето за уставните промени, слободно, без закани со насилство, одмазда или други видови на притисок, му напиша во писмото помошник државниот секретар на САД Вес Мичел на 16 Октомври 2018 година на Христијан Мицкоски.
Мицкоски во негов стил ги игнорираше пораките. Затоа и две години подоцна, доби уште една „воспитно-образовна“ по образите од актуелната американската амбасадорка.
„Првата работа што ја бараат граѓаните се решенија. Многу лесно е да се укаже на предизвиците, да се критикува, но она што е тешко е да се работи заеднички на ефективни решенија. Се надеваме дека опозицијата, но и сите политички партии, сите организации, ќе застанат зад овие две цели. Прво за да се заштити нивното здравје и здравјето на граѓаните и второ да инвестираат во позитивна иднина која доаѓа со реформската агенда и напредокот на евро-атлантскиот пат“, изјави амбасадорката Брнс во интервју за Телма.
Комесарот за соседство и проширување на ЕУ Оливер Вархеи во октомври беше во работна посета на Македонија за да го предаде и презентира Извештајот на Европската комисија за 2020 година. Во неговата агенда воопшто и не беше најавена или планирана средба со Мицкоски што е доволно сериозна порака. Сепак Комесарот Вархеи се сретна со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, но за средбата нема никакви детали какви пораки му пренел на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Комесарот Вархеи најголемиот дел од работната средба го помина во Собранието на Република Македонија, кое е само на неколку метри од канцеларијата на Мицкоски во штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Сепак за да се сретне со него одбра тоа да биде во ВИП ложата на аеродромот во Скопје, непосредно пред неговото заминување. При средбата, со Вархеи не беше присутен ниту еден соработник од неговиот кабинет, што значи дека средбата била неофицијална и пораките што му ги упатил на Мицкоски нема да влезат во ниту еден документ.
И последните пораки на Мицкоски се во насока на неговите нови партнери од левица, односно дека не споделува исти вредности со ЕУ, нарекувајќи ги политичарите од Брисел како евробирократи.
Продолжува..
