Два месеци Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најавува ново парламентарно мнозинство и неколкумина пратеници кои ќе го напуштеле Зоран Заев, а власта вчера обезбеди мнозинство со кое што го изгласа буџетот на наредната година.
Парламентарното мнозинство ги обезбеди во последен момент сите 62 пратеници во салата и на тој начин го порази обидот за бојкот на Мицкоски.
Со вкупно 62 гласа „за“, буџетот беше изгласан едногласно, и покрај тоа што во моментот кога опозиционерите излегуваа од салата внатре имаше 59 пратеници и постоеше ризик дека нема да има доволно пратеници за да се гласа.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јоиван Митревски ја обвини опозицијата дека е деструктивна и ги повика своите колеги да влезат во салата.
„Ова е невидена „брука’. Кога сите во цел свет се обединуваат во борба против ковид-19 и економските последици од пандемијата, ние имаме опозиција која ја напушта салата, која опструира и бојкотира, за да не донесеме буџет, туку да имаме времено финансирање. Затоа ги повикувам колегите Боби Мојсовски, Бисера Костадиновска и Дарко Каевски да ни се придружат во салата и да го донесеме буџетот“, се обрати Митровски од говорница.
Тројцата пратеници од СДСМ, дојдоа во салата и беа дочекани со ракоплескање, по што сите следни одлуки беа донесени со по 62 гласа „за“.
Министерот за финансии Фатмир Бесими во завршното обраќање пред пратениците рече дека овој буџет се носи во период на криза, која е поголема од економската криза во 2009 година. Според него станува збор за визионерски буџет кој предвидува и 500 милиони евра за антиковид мерки.
Мицкоски на ТВ Стар во Штип, уште во октомври најави дека разговарал со пратеници од власта.
„Пратеници од СДСМ сакаат да ја напуштат пратеничката група и Зоран Заев“ изјави тогаш Мицкоски, а како пеичина наведе дека Заев им ветувал многу, а не исполнил ништо. Тие наводно биле незадоволни од тоа како Заев ја менаџирал партијата, коалицијата и државата.
Од тогаш и Мицкоски и други партиски функционери по негов налог во повеќе наврати ширеа оптимизам за создавање на ново мнозинство. Медиа веќе пишуваше за стратегијата на Мицкоски да си поигрува со очекувањата на членството на ВМРО-ДПМНЕ.
https://www.media.mk/2020/11/25/%d0%bc%d0%b8%d1%86%d0%ba%d0%be%d1%81%d0%ba%d0%b8-%d0%bf%d1%80%d0%b5%d1%81%d1%83%d1%88%d0%b8-%d1%81%d0%be-%d0%b8%d0%b4%d0%b5%d0%b8-%d0%ba%d0%b0%d0%ba%d0%be-%d0%b4%d0%b0-%d1%98%d0%b0-%d0%b1%d1%80%d0%b0/
