6.8 C
Skopje
четврток, април 18, 2024

Иронијата на македонската политика: ВМРОвската икона Георгиевски го поддржува Заев, а Црвенковски со поддршка за Мицкоски

Со реакции за вчерашното интервју на Премиерот Заев, денес се јавија и Љубчо Георгиевски и Бранко Црвенковски. Некогашни лути политички ривали, а потоа и коалициони партнери, повторно со спротиставени ставови, но она што изненадува се страните кои ги завземаат.

Љубчо Георгиевски со ВМРО-НП е присутен во медиумите и е дел од Коалицијата Можеме, предводена од СДСМ и премиерот Заев, па неговата реакција е во знак на поддршка за изнесените ставови.

  • Сите работи што ги зборуваше г. Заев согласно со објективната историја и во согласност со најголем дел од книгите извадени од македонскиот Архив се точни, а тоа што многу од македонските граѓани се шокирани, само зборува колку македонското општество било индоктринирано.

Ова се истакнува во денешната реакција на коалицискиот партнер на премиерот Заев, партијата ВМРО-НП на Љубчо Георгиевски, во врска со вчерашото интервју на Заев за бугарската информативна агенција БГНЕС. Партијата му дава поддршка на Заев за „храброста со која зборувал за македонската историја“.

ВМРО-НП на Георгоевски смета дека, „за жал, она што македонската историографија требало да го отвори во изминатите три децении на демократија, сега еден политичар во функција на премиер радикално ни го соопштил“.

Тој неодамна беше во посета на Бугарија, како неформален мисионер на Заев, да ги „затоплува заладените односи“ во врска со ветото во ЕУ.

Со реакција после 7 години се јави и Бранко Црвенковски, кој со своите ставови изненади многумина. Негова реакција ви ја пренесуваме во целост:

“Почитувани сопартијци,

Во изминативе 7 години решив да не бидам на било каков начин присутен во политичката јавност во Македонија.

За таквото однесување имав повеќе причини, а во оваа прилика ќе ги  споменам двете најголеми. Додека СДСМ беше во опозиција и водеше тешка битка со режимот, не сакав на било кој начин да давам дополнителен повод за напади кон раководството на СДСМ, дека се мои марионети или дека спроведуваат политики под мое влијание. Сакав партијата да биде ослободена од било какво бреме од претходните владеења на СДСМ со државата.

Во периодот после формирањето на Владата на чело со СДСМ, не излегов во јавноста, за да не се доведам во ситуација да се конфронтирам или јавно да критикувам некои политики и постапки на мојата партија. А такви ситуации имаше во повеќе наврати.

Таквиот мој став ќе продолжеше и во иднина, ако не се случеше скандалозното интервју на Премиерот и Претседател на нашата партија, Зоран Заев. Ставовите и тезите искажани во тоа интервју предизвикаа и ќе предизвикуваат тешки и долгорочни последици за македонскиот народ и македонската држава.

Направена е огромна и непоправлива штета. Она што може и мора да се направи е да се стави јасно на знаење дека ставовите на Заев не се ниту ставови на целата Влада, ниту на целиот државен врв.

Се обраќам до вас, почитувани сопартијци, за да ви укажам на посебната одговорност што ја има нашата партија. Зоран Заев е претседател на СДСМ и наша е задачата да ја намалиме штетата колку што е можно повеќе. Ако нема никаква реакција, ставовите на Заев ќе станат ставови застапувани од целиот СДСМ, а бидете убедени тоа ќе има катастрофални последици по партијата и што е уште полошо по државата.

Реакциите на пооделни видни членови во медиумите и на социјалните мрежи се добредојдени, но не и доволни.

Затоа, почитувани мои сопартијци, повикувам под итно да се свика Централниот одбор на партијата и на таа седница да се донесе заклучок дека искажаните ставови на Заев не се ставови ниту на ЦО ниту на СДСМ во целина. Да се реафирмираат уште еднаш ставовите на СДСМ за македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик, македонската историја, карактерот на антифашистичката борба и АСНОМ.

Почитувањето и спроведувањето на таквите заклучоци да биде задолжително и без релативизрање за секој член на раководството на партијата и секој државен функционер предложен од СДСМ.

Почитувани сопартијци,

До одржувањето на таква седница на ЦО, јас, Бранко Црвенковски, основач и долгогодишен претседател на СДСМ, го замрзнувам моето членство во Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

Со другарски поздрав,
Бранко Црвенковски”

Читај Следно

10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести