После подолг период американската амбасадорка Кејт Мари Брнс се појави со интервју во македонските медиуми и тоа токму на Телевизија Телма, која минативе неколку недели е под жесток напад и притисок од страна на Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Веднаш по стартувањето на жестокиот наппад полн со говор на омраза и закани, амбасадорката Брнс оствари и средба со сопственикот на Телма по која што искажа поддршка за работењето на компанијата Макпетрол, така што и нејзиното денешно појавување токму на телевизијата која што е нападната од Мицкоски е порака сама по себе.
Во најавата за интервјуто амбасадорката испраќа сосема јасна порака до Мицкоски и неговите најблиски соработници околу целокупното нивно делување изминатиов период.
- Првата работа што ја бараат граѓаните се решенија. Многу лесно е да се укаже на предизвиците, да се критикува, но она што е тешко е да се работи заеднички на ефективни решенија. Се надеваме дека опозицијата, но и сите политички партии, сите организации, ќе застанат зад овие две цели. Прво за да се заштити нивното здравје и здравјето на граѓаните и второ да инвестираат во позитивна иднина која доаѓа со реформската агенда и напредокот на евро-атлантскиот пат, изјавила Брнс во интервјуто за Телма.
Според Брнс Македонија има два приоритети, реформите и справувањето со пандемијата.
Соединетите држави, според Брнс се разочарани од бугарската блокада на македонските европски интеграции. Американската амбасадорка Кејт Мари Брнс, во интервјуто за Телма рекла и дека билатералните спорови меѓу земјите треба да се решаваат надвор од процесот на интегрирање.
- Секако се надеваме дека Северна Македонија ќе продолжи со процесот на пристапување кон ЕУ. Многу јасно ја кажавме нашата желба да ја видиме меѓувладина конференција до крајот на оваа година. И влезот на Северна Македонија во ЕУ ние го гледаме како заеднички интерес. Разочарани сме што Бугарија го блокира прогресот. Навистина е важно, и ние продолжуваме да комуницираме за ова во Бугарија и во Северна Македонија, двете земји да продолжат да ги решаваат билатералните спорови надвор и одвоено од процесот на евроинтеграции “, бил ставот на Кејт Мари Брнс, амбасадор на САД во Македонија.
Реформската агенда и напорите да се продолжи кон членство во Унијата е второто важно прашање за Македонија, освен справувањето со пандемијата.Тоа е важна агенда која бара поддршка од сите политички партии, вели Брнс и додава дека е важно партиите да ги остават настрана партиските разлики и реториката и да се фокусираат на соработка.
