Меѓу компаниите кои биле кредитирани од страна на „Еуростандард Банка“ без покритие се и компании во сопственост на бизнис партнерот на Христијан Мицкоски, посочи пратеникот на СДСМ Костадин Костадинов на денешната надзорна расправа во Комисијата за финансирање и Буџет.
-Во едно интервју сопственикот на „Еуростандард Банка“ Трифун Костовски, а потоа и на прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ беше истакнато дека бие кредитирани фирми од Струмица, без доволно покритие и дека наводно тие фирми биле блиски со СДСМ. Компаниите „Јанев трејд“ „Ведра мини“ и „Минка ДА“ не се поврзани со власта. Станува збор за компании на партнер на Христијан Мицкоски. „Минка ДА“ и другите компании што ги спомнав а коишто без покритие ги има финансирано „Еуростандард“ се партнер на Мицкоски во бизнисот со хидроцентралите, заклучи Костадинов.
Овие факти внесуваат целосно нов момент во целиот случај со „Еуростандард Банка“ кој ги поврзува директно со Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.



Со реакција се јави и ВМРО-ДПМНЕ
“Костадин Костадинов безсрамно лаже и манипулира, а при тоа ја злоупотребува пратеничката говорница, која му дава имунитет за кажаните навреди и клевети.
Доколку Костадин Костадинов верува дека е точно тоа што го зборува, го повикуваме да го каже надвор од Собраниската говорница, каде нема да го штити имунитетот за изречените лаги и клевети, и тогаш ќе биде поднесена кривична пријава против него.
Костадин Костадинов само сака да ја дефокусира јавноста за поврзаноста на СДСМ со пропаѓањето на Еуростандард банката и испумпувањето на 13 милиони евра од истата преку фирмата на Вице Заев и 29 други струмички фирми.
Костадин Костадинов ги заташкува трагите кои водат директно до неговиот шеф Зоран Заев и неговото семејство.”- пишува во писмената реакција на ВМРО-ДПМНЕ.