Во Македонија од Ковид-19 заклучно со денешниот ден заболени се 36.372 лица, информираше министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција и уште додаде дека есенскиот бран дополнително ги зголемил бројките и го ставил здравствениот систем на тест. Филипче уште еднаш апелираше да се почитуваат сегашните мерки од кои, како што рече, резултатите треба да се очекуваат во следниот период, а додаде и дека нема да има дополнителни рестрикции.
Процентот на лица на кои им треба хоспитализација е седум, но со оглед на потребата од болничко лекување, во болница има 890 пациенти, соопшти Филипче.
– Брзо се пополнуваат болниците па го активиравме планот за дополнителни одделенија. Функционира Центарот за белодробни болести каде уште има капацитети за пациенти, но гледајќи го напливот се активираше планот за интерните клиники, со гастро, дијализа, нефрологија, а следно се активираат очните клиники. Системот „Мој термин“ и понатаму функционира, секако, и продолжуваме да сместуваме пациенти во оваа зграда на интерни клиники. Лекарите и сестрите се на располагање, рече Филипче.
По однос на тоа што од клиниката за неврологија реагираа дека немаат услови за згрижување пациенти со Ковид-19, Филипче рече дека разговарале со директорот и изнашле начин да се стави во употреба.
Дополнителниот број кревети е околу 150 и околу 100-тина на клиниките на оториноларингологија, а и во „8 Септември“ може да се зголеми бројот на кревети за сместување болни.
– Состојбата е крајно сериозна, здравствениот систем е крајно моболизиран за одговор на побарувањата, додаде Филипче и замоли за почитување на мерките.
