Дваесетгодишник од Делчево заработи кривична пријава од полицијата откако во месец октомври годинава во неколку наврати неовластено користел платежна картичка на друг жител на Делчево. Според информациите од полициското одделение од општа надлежност во Делчево, 20-годишникот се товари за кривично дело „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“.
-Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против М.Ц.(20) од Делчево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“. Имено на 19.10.2020, пријавениот во три наврати неовластено, од дебитната картичка на Р.Ѓ. од Делчево, извршил плаќање преку интернет, при што предизвикал материјална штета, се вели во полициското соопштение.
Ова не е прв случај на кривично дело во кое лица од Делчево се обвинети за користење туѓа платежна картичка. Во февруари годинава, исто така 20-годишен жител на Делчево беше обвинет за подигање готовина од банкомат, од картичка на неговиот вујко, при што од банкоматот, тогаш обвинетиот, во неколку наврати успеал да извлече над 50 илјади денари.