23.8 C
Skopje
петок, март 29, 2024

Донација за МВР од околу 460.000 долари од амбасадата на САД

„Денешната вредна донација, за која упатувам искрена благодарност до амбасадата на САД во нашата земја и до Владата на САД, е уште еден доказ за нашето цврсто партнерство со Владата на САД, со нејзините институции, коишто сиве овие години на нашата самостојност ни ја даваат својата максимална поддршка и помош во реформските зафати и во осовременување на капацитетите на Министерството, но и показател за заедништвото во остварувањето на стратешките цели на Република Северна Македонија – наше целосно евроатлантско интегрирање и уште една потврда за заедничките вредности што ги споделуваме“, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на свеченото примопредавање на донацијата во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“, која МВР ја доби преку амбасадата на САД во Република Северна Македонија, во вкупна вредност од околу 460.000 американски долари.

Донацијата се состои од два сегмента, и тоа медицинска опрема и опрема за лична заштита за припадниците на Единицата за брзо распоредување при МВР, вредна околу 250.000 долари од страна на војската на САД преку Канцеларијата за одбранбена соработка и опрема наменета за Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР, во вредност од над 200.000 долари, од страна на американската владина Програма за борба против тероризмот –  АТА.

„Станува збор материјални средства, за хардвер и за софтвер, што уште повеќе ќе ги подигнат стандардите во работењето на овие две полициски организациони единици и дополнително ќе нѐ придвижат до посакуваната цел, а тоа е градење и етаблирање на кредибилна, технички и кадровски модерна и динамична полиција, којашто ќе биде подготвена да се соочи со каква и да е задача поставена пред неа“, предочи Спасовски.

Амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Н.Е. Кејт Мери Брнз посочи дека Република Северна Македонија продолжува да биде извонреден партнер во борбата против тероризмот, а неодамнешната значајна антитерористичка акција на МВР е само уште еден показател на посветената работа на Владата во решителното справување со тероризмот и тешките облици на криминално однесување.

„Преку успешното планирање и високопрофесионалното спроведување на спомената акција уште еднаш се потврди вредноста на континуираната соработка во обезбедувањето обука и помош во борбата против тероризмот меѓу нашите две земји. Опремата која Владата на САД денеска ја донира е само дел од целокупната заложба за продлабочување на нашето партнерство“, рече амбасадорката Брнз.

Како што нотираше амбасадорката, донираната компјутерска опрема ќе помогне во подобрување на процесирање и анализа на дигитални докази, додека донираната  медицинска опрема ќе биде од полза на полициските службеници на терен, во фронталните линии, во подобрување на подготвеноста да одговорат на случаи на траума и спасување животи.

„Денешниот настан е само уште еден пример на заложбата на Владата на Соединетите Американски Држави да помогнат во засилувањето на безбедносниот сектор на Северна Македонија, како инвестиција во еден силен соработник во НАТО сојузот и непоколеблив партнер во справувањето со тероризмот и сите форми на организиран криминал“, истакна Брнз.

Читај Следно

10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести