Ватикан знае дека може да смета на Унгарија кога станува збор за помош на христијанските заедници кога е потребно, рече министерот за надворешни работи Петер Сијарто по состанокот со архиепископот Пол Ричард Галагер, неговиот колега од Светата столица, во четвртокот во Ватикан.
Сијарто посочи дека неговите разговори со Галагер се фокусирале на борба против зголемените антихристијански повици во светот.
– Унгарија има илјадагодишна христијанска државност позади себе, така што не можеме да дозволиме нападите против христијанството коишто се разгоруваат да постигнат победа над христијанските вредности, рече Сијарто.
Министерот рече дека тој и Галагер се согласуваат дека христијанството денес е на удар од сите страни, што според него се манифестира во физички напади и политички напади базирани на идеологија.
– Исто така во разговорите се насочивме и таму таму каде што не очекувавме да бидеме, што значи западна Европа, каде што се доведуваат во прашање христијанските вредности и многумина сакаат да го отстранат христијанскиот идентитет, корените и традициите на Европа, додаде тој.
Сијарто рече дека христијанството е најпрогонуваната религија во светот, со повеќе од 250 милиони христијани кои се соочуваат со насилство и прогонства секој ден заради нивната вера. Околу 10.000 цркви и христијански објекти биле нападнати или вандализирани во последните неколку години, додаде тој.
Сијарто ја опиша соработката помеѓу Унгарија и Католичката црква како одлична, истакнувајќи ја поддршката на владата за обнова на католичките цркви.
– Околу 3.000 христијански цркви се изградени или реновирани во текот на десет години во Унгарија и делови од Карпатискиот басен населени со етнички Унгарци, а бројот на училишта управувани од црквите е двојно поголем, рече тој.
Тој исто така реагираше на коментарите на италијанската министерка за внатрешни работи Лучиана Ламоргезе, која неделава повика на задолжителна прераспределба на мигрантите низ Европската унија и предложи на земјите-членки кои одбиваат да учествуваат во ваква шема, да им биде ускратено финансирањето за помошта во бробата против коронавирус.
– Навикнати сме да гледаме како либералните и левичарските партии постојано ги уценуваат централните Европејци, особено патриотските влади. Тие се закануваат дека ќе ни го скратат европското финансирање доколку не се откажеме од строгата миграциска политика, но нема да го сториме тоа. Владата ќе продолжи да се спротивставува и да ги штити Унгарија и Европа од илегална имиграција, рече Сијарто.
– Имаме право на европски фондови, рече тој додавајќи дека Унгарија ги исполнува сите свои обврски кон ЕУ и согласно Европските договори и овие средства се наши пари. Ние нема да попуштиме во каква било форма на уцена, истакна Сијарто