35.8 C
Skopje
среда, јуни 12, 2024

Во Албанија специјалното обвинителство започна истрага за градоначалникот на Тирана и неговото семејство

Албанското Специјално обвинителство против организиран криминал и корупција, СПАК, започна истрага, по анонимна пријава, но со детални информации за градоначалникот на Тирана, Ерјон Велиај и членовите на неговото семејство, објави Ора њуз.

-Пријавата пристигнала до СПАК од засега неидентификувани анонимни лица, но содржи детални информации за економската активност на Ерјон Велиај, неговата сопруга Ајола, брат му Арбр Велиај, мајка му Шќипоња Велиај, родителите на Ајола, како и неговите соработници во Градското собрание на Тирана. Во пријавата се наведени сомнителни банкарски трансакции внатре и надвор од државата, инвестиции во недвижности во Тирана и слично, наведува телевизијата.

Предметниот случај го истражува обвинителот Олси Дадо, кој претходно го водеше досието добиено од Валона за градоначалникот на општина Химара, Јорго Горо, кој потоа, на 23 март годинава беше уапсен.

Веќе се испратени дописи до сите банки од второ ниво во земјата, Националниот деловен центар, Генералната дирекција за даноци, Државната агенција за катастар, Канцеларијата на Декларација за имот и Комората на национални нотари на Албанија.

Според истиот извор некои од централните канцеларии на банките во Тирана веќе испратиле детални информации за семејството Велиај, дополнително и за трите компании со кои управува неговата сопруга и нејзината мајка.

-Истрагата сега е во почетна фаза на прибирање докази. Градоначалникот Велиај, пред извесно време беше повикан во СПАК како лице кое имало сознанија за сомнителни дејствијата

поврзани со инсинераторот за согорување отпад во Тирана. Истрага за неговата имотна состојба е прва и единствена истрага што до сега е отворена против првиот човек на главниот град, констатира Ора њуз.

Со барање за негова оставка, пред градското собрание и денеска ќе се одржи протест свикан од опозицијата, што ќе биде 11. по ред.

Читај Следно

10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести