20.8 C
Skopje
четврток, јуни 6, 2024

Инфлација во Аргентина достигна околу 290 отсто

Цените во Аргентина пораснаа толку драматично во последните месеци што владата на претседателот Хавиер Милеи беше принудена петкратно да го зголеми износот на најголемата аргентинска банкнота, и таа сега изнесува 10.000 пезоси, што е приближно десет американски долари.

Централната банка во вчерашното соопштение вети дека ќе им го олесни товарот на многу Аргентинци, буквално, кои мораат да носат огромни торби, понекогаш дури и куфери, со голема сума готовина за мали трансакции.

Годишната стапка на инфлација во Аргентина во март достигна 287 отсто и е меѓу највисоките во светот.

Новата банкнота треба да излезе следниот месец „за да се олеснат трансакциите меѓу корисниците“, соопшти централната банка.

Во моментов 10.000 пезоси, на колку што ќе гласи банкнотата, официјално вредат 11 американски долари, а на црниот пазар 9 долари.

Во цела Аргентина, готовината, особено банкнотата од 1.000 пезоси, останува најпопуларниот начин на плаќање.

Кога се појави во оптек во 2017 година, банкнотата од 1.000 пезоси имаше вредност од 58 американски долари на црниот пазар. Сега вреди еден долар.

Со оглед на најтешката финансиска криза во Аргентина во последните две децении и нестабилноста што ја предизвика, продавачите ја фаворизираат „готовината“ пред безготовинското плаќање и нудат големи попусти за оние кои плаќаат во готово.

Милеи дојде на власт како политички аутсајдер минатиот декември, ветувајќи дека ќе ја намали инфлацијата и ќе го стабилизира пезосот со промена на политиките на претходните левичарски влади, кои печатеа пари за да ја финансираат јавната потрошувачка.

Но, острите мерки за штедење на владата на Милеи ги ставија цените на американско и европско ниво, што тешко ги погоди обичните Аргентинци, а закажан е и голем национален штрајк.

Милеи, и покрај високата инфлација, вели дека неговиот план функционира.

Аргентина исто така најавува банкнота од 20.000 пезоси, но подоцна годинава.

Читај Следно

10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести