7.8 C
Skopje
среда, март 27, 2024

Фон дер Лајен: ЕУ цврсто ќе стои зад Украина

Денеска се одбележува мрачна годишнина, но исто така е моментот да се препознае извонредната моќ на отпорот на украинскиот народ на руската брутална инвазија на Украина, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен од Киев каде допатува денеска на двегодишнината од стартот на руската агресија врз земјата, како израз на солидарноста и поддршката на ЕУ.

– Вие, Украинците, му ја покажавте на светот вашата храброст и дека вашата борба за слобода е важна… Вие се борите за безбедноста на целиот наш континент. Затоа зад себе ја имате целата Европска Унија. Повеќе од кога било, ние цврсто стоиме покрај Украина, финансиски, економски, воен и најмногу морално, додека вашата земја конечно не се ослободи, нагласи Фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со премиерите на Белгија, Александер Де Кро, на Италија, Џорџа Мелони и на Канада, Џастин Трудо, кои ја придружуваат при посетата, и со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Фон дер Лајен најави дека следниот месец на Киев ќе му бидат исплатени првите 4,5 милијарди евра од Механизмот за поддршка на Украина во вкупна вредност од од 50 милијарди евра за следните четири години, наменети за спроведување на украинскиот План за реформи и за инвестиции.

– Гледајќи напред кон иднината, Украина мора да има средства да се брани денес. Тоа е клучно за вашата безбедност и секако за безбедноста на Европа во целина. Затоа сакаме да ги зајакнеме одбранбените капацитети на Украина како дел од нашите, изјави Фон дер Лајаен најавувајќи дека за три недели ЕК ќе ја претстави новата Стратегија за одбранбена индустриска база, со која ќе се предвиди интегрирање на Украина во европски одбранбени програми.

Таа потсети дека оваа недела ЕУ го усвои 13-ти пакет со рестриктивни мерки кон поединци и субјекти одговорни за активности насочени кон поткопување или загрозување на територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Украина поврзани со рускиот воен и одбранбен, како и кон лица одговорни за депортација на украински деца.

Потенцирајќи дека најдобра безбедносна гаранција за Украина ќе биде членството во Европската Унија, Фон дер Лајен истакна дека во тој правец веќе скрининг процесот и најави дека кон средината на март Европската комисија ќе ја донесе преговарачката рамка.

-Нашата денешна посета ја нагласува нашата непоколеблива солидарност со Украина денес, утре и на долг рок. Вашата земја стана глобален симбол на отпорот во оваа благородна борба за слобода. Остануваме на ваша страна, порача Фон дер Лајен на прес-конференцијата одржана по средбата со Зеленски.

Претходно, таа имаше средба и со украинскиот премиер Денис Шмихал, со кого разговараше за европската финснаиски и воена поддршка за Украина, но и за надминување на проблемите поврзани со украинскиот извоз во ЕУ и блокадите на западната копнена граница на земјата.

Фон дер Лајен и премиерите Де Кро, Мелони и Трудо попладнево положија и венци на Ѕидот за сеќавање на загинатите украински бранители во конфликтот со Русија.

– На Ѕидот за сеќавањето им оддавам почит на Украинците кои ја направија најголемата жртва борејќи се за нашите вредности – слобода, демократија, владеење на правото. Тие се во нашите срца и мисли. Нивното наследство живее. И ќе блесне во текот на денот кога Украина ќе победи во оваа војна, наведе Фон дер Лајен во објава на Икс по полагањето на венците.

Пред тоа во текот на денот тие го посетија аеродромот „Антонов“ во Хостомел, во близина на Киев, каде се сретнаа со припадниците на украинските Вооружени сили кои се распоредени во одбрана на објектот, а утрово Фон дер Лајен присуствуваше и на церемонија на примопредавање на 50 теренски возила на украинската полиција, кои се донација од ЕУ.

Руските сили ја нападнаа Украина на 24 февруари 2022 година, започнувајќи ја најголемата воена офанзива во Европа по Втората светска војна, што резултираше со најмалку 10.000 цивилни и стотици илјади воени жртви, 3,6 милиони внатрешно раселени лица и 6,3 милиони украински бегалци во други земји.

Читај Следно

10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести