12.8 C
Skopje
понеделник, март 25, 2024

Најголем предизвик за германската економија ќе биде ограничувањето на економскиот раст поради недостигот на работна сила

Најголем предизвик за германската економија ќе биде ограничувањето на економскиот раст поради недостигот на работна сила, изјави германскиот министер за економија Роберт Хабек.

Тој го изјави ова откако владата во Берлин ги минимизираше изгледите за овогодинешниот економски раст на најголемата европска економија, објави Ројтерс.

Агенцијата наведува дека германската влада очекува економијата годинава да порасне за 0,2 отсто, што е далеку помалку од претходно прогнозираните 1,3 отсто, а причините треба да се бараат во послабата глобална побарувачка, геополитичката несигурност и постојано високата инфлација, односно, со околу 700.000 моментално непополнети работни места, потенцијалот за економски раст на Германија падна на 0,7 отсто од околу два отсто во 1980-тите и би требало дополнително да падне на 0,5 отсто доколку државата не го реши овој проблем.

„Ни недостигаат раце и умови“, рече тој, претставувајќи го владиниот економски извештај за 2024 година.

Министерот додаде дека ќе се зголеми бројот на непополнети работни места поради стареењето на населението.

Официјалните проценки сугерираат дека на старечкото германско општество ќе му недостигаат седум милиони квалификувани работници до 2035 година.

„Веќе не се работи само за квалификувани работници“, додаде тој.

Нудењето финансиски стимулации за луѓето кои сакаат да работат подолго во старост беше едно од решенијата што ги предложи Владата.

Повеќе од половина Германци веруваат дека работата не се исплати откако владата планира да ги зголеми социјалните бенефиции и детските додатоци, покажа истражувањето во септември.

Хабек истакна дека Германија нема да може да го надмине недостигот на работна сила без миграција, додавајќи дека земјата треба да ја поддржи имиграцијата со брзи процедури за виза, повеќе јазични курсеви и дигитален пристап до германските компании од странство.

Берлин воведе неколку закони за да ја направи земјата поатрактивна за работниците мигранти, како што е скратување на патот до државјанство за странци, забрзување на издавањето визи и признавање на странските квалификации на пазарот на трудот.

Сепак, не сите во Германија се задоволни со привлекувањето повеќе имигранти, како што е примерот со рекордната поддршка за националистичката партија Алтернатива за Германија (AfD), која е втора најпопуларна партија на национално ниво според анкетите.

Читај Следно

10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести