20.8 C
Skopje
среда, јуни 5, 2024

Николовски: Го придвижуваме руралниот развој во шумарството, согласно европските насоки и позитивни искуства

Денеска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски присуствуваше и ја отвори манифестацијата  Форест Фест Берово. На настанот присуствуваа и градоначалникот на Берово, Ѕвонко Пекевески, градоначалникот на Пехчево, Александар Китановски, директорот на ЈУ Национален парк Маврово, Самир Ајдини, претставници од секторот шумарство и национални паркови, претседателот на Националното здружение на сопственици на приватни шуми, Војо Соколов, сопственици на приватни шуми и експерти-предавачи од Словенија, Хрватска и Бугарија, како земји членки на Европската Унија.

Форест Фест е манифестација, која прераснува во традиционална. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и овој пат го поддржа овој настан, како една од 67-те локални манифестации кои се финансирани од Програмата за рурален развој.

„Фокус на овогодинешниот Форест Фест се програмите за поддршка на руралниот развој, каде што планираме и сопствениците на приватни шуми да ги вклучиме како целна група, за помош и поддршка преку соодветни субвенции. За таа цел, добро би ни дошле сите доктринарни искуства и добри практики од земјите од регионот, како што се Словенија, Хрватска, Бугарија и други, кои би биле применливи во моментот и кај нас. И овој пат Националното Здружение на   сопственици   на   приватни   шуми, се покажа како многу важен фактор  во креирање на шумарските политики  во  Македонија и ова е само мал придонес како да го придвижиме руралниот развој во шумарството, во правец на европските насоки и позитивни искуства, кои се пак многу важен дел за нашите темелни заложби за придружување кон  Европското семејство“ посочи министерот Николовски.

Во рамките на настанот, се одржаа и повеќе едукативни работилници кои беа презентирани од врвни експерти од областа на шумарството во Словенија, Хрватска и Бугарија, како и експерт од Европската комисија. Темите на работилниците беа во насока на хармонизација на новиот закон за шуми кој се креира по европски терк, и искористувањето на европските фондови и националните програми за поддршка на шумарството, приватните сопственици на шуми и националните паркови.

Подобрувањето на состојбите во шумарството е една од стратешките цели на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Владата на Република Северна Македонија за остварување на европската заедничка зелена агенда за климатски неутрална Европа.

Во моментов во фаза на подготовка е новиот закон за шумите, во кој ќе бидат вградени токму овие цели, за помош и поддршка на руралниот развој во шумарството, кои би биле исполнување на уште еден предуслов со цел да го намалиме трендот на иселување на младите од руралните средини и да им овозможиме на сите државни и приватни сопственици на шуми полесно да ги управуваат шумите, по примерот на земјите членки на Европската Унија.

Читај Следно

10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести