15.8 C
Skopje
понеделник, февруари 26, 2024

Шукова: Со француска помош наскоро во Штип ќе се гради најголемиот фотоволтаичен парк во земјите од Западен Балкан

Во рамки на посетата на министерот за надворешна трговија, атрактивности и француска дијаспора, Оливие Бешт на нашата држава, тој денеска заедно со министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова и градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов го посетија местото на карго-аеродромот „Стипион“, каде што ќе се гради најголемата сончева централа во земјава. 

„Ова е еден од проектите којшто е аплициран во државата согласно Законот за стратешки инвестиции и Владата го препозна како стратешки инвестиционен проект. Во рамките на она што се барањата на проектот, треба технички да се дозавршат одредени работи, да се создадат услови, за да може да се почне со реална имплементација на проектот. Ова е нешто ново во државата, бидејќи зборуваме за агро волтаици. Тоа значи дека под фотоволтаиците коишто ќе бидат инсталирани и се ставаат на поголема височина, може да се одгледуваат одредени земјоделски култури. Тоа е многу добро, бидејќи во тој случај не го користиме земјиштето само како градежно, туку можеме и понатаму да го обработуваме. Секако не со секоја култура, меѓутоа има одредени култури коишто може да се засадат. Француската компанијата што ќе го имплементира проектот има вакви искуства во повеќе земји во Европа. Ние побаравме од нив, кога ќе започне реализацијата на проектот, тоа искуство  за одгледување на култури што може да се засадат под волтаиците и успешно да дадат принос да ни го пренесат како искуство“, вели Шукова.

Со оглед дека се прават максимални напори за стартување на проектот, според неа реално е очекувањето истиот да започне со имплементација за неколку месеци.

Министерот за надворешна трговија, атрактивности и француска дијаспора, Оливие Бешт истакна дека е  среќен што е  во  Штип на место каде што најбрзо ќе се гради голем проект од областа на енергетската транзиција во Северна Македонија, односно најголем фотоволтаичен парк во земјите од Западен Балкан, а  ќе го гради француска компанија Акио. 

Според него, ова е голем инвестициски проект којшто ќе помогне од една страна земјата да стане помалку енергетски зависина, а од друга страна да има повластени тарифи на електричната енергија и ќе овозможи придонесе во процесот на напуштање на фосилните горива и свртување кон обновливи извори на енергија. 

„ЕУ сака да и помогне на Северна Македонија, и да ја види што побрзо во ЕУ. Франција е среќна што може да и помогне на Северна Македонија во таа област“ рече Бешт.

Според градоначалникот на општина Штип, Јораднов реализацијата на сончевата централа „Стипион“ е значајна за Штип, како административен, економски и трговски центар, и ќе го овозможи приматот на Штип и како енергетски центар. 

„Во постојана комуникација сме со претставници на компанијата, и се надевам дека во најскоро време ќе бидат завршени сите потребни работи за да веќе се имплементира и да стане реалност проекто,  којшто е од значење за целиот регион“, вели Јорданов.

Сончевата централа „Стипион“ ќе биде со моќност од 400 мегавати електрична енергија на час. Се работи за инвестиција вредна неколку стотици милиони евра.

Читај Следно

10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести