Новите услуги во рамки на социјалната реформа продолжуваат да стануваат достапни за граѓаните ширум земјата. Конкретно, услугата помош и нега во домот е достапна и за околу 40 корисници – жители на Пробиштип и Кратово. Оваа услуга е наменета за немоќни и изнемоштени лица над 65 години и значително им го олеснува секојдневниот живот, а истовремено значи и поддршка за нивните семејства.
При посетата на давателот на услугата – општинската организација на Црвениот Крст во Пробиштип, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска имаше можност директно да се запознае со придобивките од услугата за корисниците. https://www.youtube.com/embed/VQDWFCFlGgs?si=CXxJGIyCsaOz0hDI
Искажувајќи задоволство од резултатите кои се постигнуваат со воведување на ваквите социјални услуги, министерката Тренчевска оцени: „Добро е што децентрализацијата на социјалните услуги дава резултат, бидејќи тоа е единствениот начин како да развиваме социјални услуги согласно потребите на луѓето, а никој подобро не ги препознава нивните потреби од самите општини и локалните организации кои се даватели на услугите. Посебно ме радува тоа што услугите се достапни во руралните средини и во најоддалечените места, затоа што нашата заложба е да се грижиме и да овозможиме квалитетна нега и подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани“.
На настанот присуствуваа и градоначалникот на општина Пробиштип, Драган Анастасов, како и секретарот на општина Кратово, Радмила Китанова, кои искажаа благодарност до Министерството што ги препозна потребите на двете општини и го поддржа воведувањето на оваа услуга. Тие истакнаа дека овој пример на меѓуопштинска соработка треба да го следат сите општини, бидејќи тоа овозможува достапност на квалитетни услуги за граѓаните и локалните заедници.
Од Црвениот Крст Пробиштип потенцираа дека соработката меѓу организациите кои се даватели на услуги и општините носи значајни придобивки и подобрен квалитет на услугите, а тоа се забележува најмногу од задоволството на корисниците и негувателите. Тие исто така информираа дека за услугата помош и нега во двете општини обучени и сертифицирани се 14 негуватели.
Токму обезбедување на квалитетни и разновидни услуги социјални услуги, нивната децентрализација, како и создавањето нови можности за вработување на ранливите категории граѓани, се едни од основните цели на социјалната реформа.
Министерката Тренчевска оствари и посета на домот на корисничка на услуга која, заедно со нејзината негувателка, не ја криеше среќата и благодарноста за тоа што ја добива оваа услуга. Министерката истакна дека токму задоволството на корисниците и негувателите е клучна мотивација, но и показател дека реализацијата на социјалната реформа се одвива успешно.
Инаку, во рамки на Проектот за подобрување на социјалните услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика, со поддршка од Светска Банка, досега е овозможено воведувањето на разновидни социјални услуги, преку 34 поединечни проекти што се спроведуваат во 41 општина. За давање на услугите досега се обучени и ангажирани над 300 лица, а истите се достапни за повеќе од 1200 корисници.