7.8 C
Skopje
вторник, март 26, 2024

Ковачевски: Ги реализираме децениските стратешки определби на многу влади, обезбедуваме европска и економски силна иднина за нашите граѓани и стопанството

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска на третиот меѓународен Скопски економско-финансиски форум, даде изјава за медиумите. Премиерот зборуваше за најважниот енергетски проект во Северна Македонија, хидроцентралата Чебрен, за што после три децении е донесена одлука на Влада да се реализира. Ковачевски се осврна и за новиот пакет антикризни мерки, кои ќе ги заштитат граѓаните и стопанството во престојниот период.https://www.youtube.com/embed/ZleOhJZ4pTY?si=nBw0w8iywq5sbyQE

Во продолжение Ви ја пренесуваме интегрално изјавата на претседателот на Владата, Ковачевски:

„Најпрво сакам да ви се заблагодарам за вашето присуство на третиот Скопски економско-финансиски форум организиран од Министерството за финансии, кој имав чест да го отворам. Овој настан е еден навистина важен и веќе прераснува во традиционален и како таков е одлично заокружување на сите исклучително важни настани и одлуки кои се донесоа изминатава недела за кои сакам подетално да ве информирам

На последната владина седница, имавме две многу важни одлуки.

После повеќе од 3 децении, донесена е одлука со која се предвидува реализација на најважниот енергетски проект во Северна Македонија, хидроцентралата Чебрен

Владата донесе Одлука за избор на најповолна понуда за доделување концесија за користење вода и за производство на електрична енергија со изградба на хидроелектрични централи на Црна Река на ППЦ-Архиродон, а во согласност со тендерската документација и договорот за концесија кој беше дел на тендерската документација.

Со оваа одлука се овозможува реализација на еден од најголемите и најважните енергетски проекти во Република Северна Македонија за кој првите визибилити студии се направени во 60тите години на минатиот век a проценетата вредност на инвестицијата е 1 милијарда евра. 

Предвидена е изградба на реверзибилна хидроцентрала Чебрен, со инсталиран капацитет од најмалку 333 MW што значи дека покрај капацитетот за производство на електрична енергија, ХЦ Чебрен е предвидено да има и режим на пумпање и враќање на водата назад со што на Црна Река е предвидено создавање на ново вештачко езеро, кое ќе биде најголемо во нашата држава.

Чебрен е од исклучително значење за енергетската транзиција на Северна Македонија и регионот, поради можноста за балансирање на обновливите извори на енергија и електричната енергија која се добива од нив а за кои сите знаеме дека се инсталира со засилено темпо во изминатите 2 години. Воедно ќе има огромно значење и за заштита од поплави, водоснабдување, ќе игра голема улога во земјоделието со висина на браната од 192 метри, со што ќе биде една од највисоките брани во светот.

После 30 години, и првите склучени договори за изработка на инвестициско-техничка документација за ХЕ Чебрен во 1986, денес, после 13 неуспешни тендери кои беа организирани изминатите 20 години имаме реална можност за доделување концесија на Црна Река и целосно трансформирање на нашиот енергетски систем. Тоа ќе е огромна исчекор во заложбата Северна Македонија да стане зелен енергетски хаб меѓутоа и да обезбеди енергетска ефикасност за генерациите пред нас. 

Втората одлука која ја донесовме, а исто така од областа на економијата, е за забрана на акции и промоции на прехранбени и земјоделски производи во трговијата на мало, со цел заштита на граѓаните од манипулации со цените. Со оваа одлука им се забранува на трговците кои вршат трговија на мало на земјоделски и прехранбени производи да нудат акциска и промотивна продажба, при нивно ставање во промет. 

Одлуката е донесена со цел да се спречи злоупотреба во прометот на одделни производи и стоки и со неа ќе се намалат можните манипулации при ваквиот вид на продажба на земјоделски и прехранбени производи. Исто така ќе се намали и спречи нарушување на домашниот пазар заради злоупотреба во прометот на одделни производи и стоки. Одлуката е со цел граѓаните да ја знаат точната и реална цена на прехранбените производи, и да не се доведуваат во заблуда со цените на прехранбените производи.

Оваа одлука е дел од низата одлуки кои нѐ очекуваат наредниот период а кои ќе се однесуваат на замрзнување на цени на ниво под нивото кое го гледаме денес во продавниците, во текот на наредните денови за што ќе бидат донесени соодветни одлуки.  

Министерот за економија имаше конструктивна дебата со најголемите супермаркети во земјава на која заеднички се согласија дека има простор за намалување на цените на основните прехранбени производи.

Станува збор одлука за намалување на цените на над 50 основни прехранбени производи од кои 90 посто се даночат со 5% ДДВ, а останатите со 10% ДДВ. Со замрзнување на над 50 основни прехранбени производи се предвидува цените да се намалат за минимум 10% бидејќи за тоа апсолутно има простор. И референтната цена за намалување нема да биде земена денешната цена туку според она што го анализираме, најверојатно ќе бидат намалени во однос на цените кои важеле на 01.08. 

Најважно од сѐ сега е потрошувачите да не се чувствуваат измамени, и на тоа и ќе се работи и во иднина. Следат и измените и дополнувањата на Законот за пазарниот инспекторат, со кои ќе се зголемат ингеренциите на инспекторатот со што инспекторите ќе можат да постапуваат побрзо и да бидат поефикасни.

Воедно со Законот за нефер трговски практики, на којшто се работи веќе на негова изработка, планот е да се укинат речиси над 20% од одредени давачки во ланецот трговија, почнувајќи од производство со што дополнително ќе се влијае во намалувањето на цените во малопродажбата. Овој закон постои во најголем број од земјите членки на ЕУ и кога ќе биде изготвен ќе видите дека во целост или во најголем дел се совпаѓа со такви закони за заштита од нефер трговски практики. Доколку анализите покажат потреба, и ако има нарушувања, фазно ќе се оди и со намалување на цените и во другите сектори.

Тука, би сакал да потенцирам дека пред почетокот на есенската односно зимската сезона, како што веќе накратко информирав, во прераспределбата на буџетот која е поднесена во собранието веќе се издвоени финансиски средства за заштита на најранливите категории на граѓани преку антикризни мерки. Антикризниот пакет ќе биде обемен и ќе опфати повеќе граѓани кои што имаат потреба од дополнителни финансиски средства и тука се вклучени пред сѐ пензионерите, но поддршка ќе добијат и граѓаните кои примаат пониски примања, приматели на загарантирана социјална помош. Секако нема да ги изоставиме и младите студенти, средношколци и други категории на граѓани кои заради ниските примања и неможноста да остваруваат приход ќе бидат опфатени со дополнителен финансиски пакет за справување со кризата. 

Деталниот антикризен план може да се очекува да е активен веќе од ноември, на него се работи во текот на наредните недели ќе се најде на седница на Влада каде во детали ќе биде презентиран од страна на МФ и на други ресорни министерства кои се задолжени за управување на процеси насочени кон одредени целни групи во општеството. 

И за крај,  денес сакам исто така да се заблагодарам на оние медиуми кои беа присутни вчера, меѓутоа и на сите други медиуми бидејќи сите известуваа во Прилеп, бидејќи вчера се случи отпочнување на работа на терен на автопатот на делницата Прилеп – Битола, коридорот 10Д со минирање на теренот и тоа беше направено од страна на конзорциумот Бехтел и Енка со македонски подизведувачи и со тоа работите од фазата на проектирање и на сите други фази кои следуваат веќе продолжуваат со конкретни работи на терен. 

Неколку дена пред тоа беше исто така организирано минирање во Г.Бањица, тоа е коридорот 8 со што практично Бехтел и Енка го означи и веќе практичното работење на терен на двата автопатски правци кои ќе бидат завршени во наредните 5 години. 

Воедно, веќе знаете, во полн ек се изведуваат и градежните работи на патните правци Градско-Прилеп, каде неодамна беше пробиена и втората цевка на тунелот Фариш а исто така се одвиваат работите и на другите патни делници кои што треба да обезбедат одржување комплетно на патниот правец коридор 10 како што денес го знаеме со Битола, Прилеп и тоа со ГП Меџитлија каде исто така се работи на реализација на магистралниот пат кој води до овој граничен премин. 

Сметам дека се работи за навистина важни економски теми кои се од интерес за граѓаните и кои ќе имаат позитивен импакт како краткорочен така и долгорочен за економијата во државата.“

Читај Следно

10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести