Климатските промени се дело на човекот, што значи дека ние можеме да се справиме со овој предизвик, за што ни е потребна технологија и ни требаат финансии, порача денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето на сесијата „Една земја“ на Самитот на Г20 во Њу Делхи.
– Само земјите од Г20 учествуваат со 80 отсто во емисиите на стакленички гасови. Од друга страна, на Африка отпаѓаат помалку од 4 проценти од емисиите на стакленички гасови, но таа е меѓу најпогодените од климатските промени, рече Фон дер Лајен, потенцирајќи дека останува обврска да се обезбедат 100 милијарди долари за оваа година за финансирање на проекти за справување со климатските промени.
Таа посочи дека ЕУ во тоа финансирање само во 2021 година учествувала со 27 милијарди долари, додавајќи дека Унијата ќе продолжи да одвојува средства во борбата против климатските промени.