25.8 C
Skopje
понеделник, мај 20, 2024

Спасовски со честитка по повод првиот Меѓународен ден на полициска соработка: Полициската соработка е алатка која беше неопходна во овие 7 години за враќање на разнишаната доверба на државата на меѓународен план

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски упати честитка по повод одбележувањето на првиот Меѓународен ден на полициската соработка 7 Септември, назначен на неговата 77. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации.

Во продолжение во целост ја објавуваме честитката од министерот Спасовски:

Денеска го одбележуваме првиот Меѓународен ден на полициската соработка, назначен на неговата 77. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, кој ја истакнува виталната улога на жените во полициското работење.
По овој повод, генералниот секретар Гутереш во својата порака ја истакнува клучната улога на жените полициски службенички во целокупниот спектар на полициско работење, од спречување криминал до криминални истраги, заштита на човековите права, безбедност и сигурност. Ова е повод повеќе за нас како МВР да продолжиме со континуираните реформи во полициските служби, со цел жените да бидат уште поприсутни во оваа професија за постигнување поефективни, ефикасни и поодговорни услуги во служба на заедницата и владеењето на правото.

Во овие седум години раководството на МВР покажа дека волјата не е предмет на дискусија, а таа упорност и посветеност во секојдневното создавање на подобри услови, сѐ до постигнување на целосна правична застапеност и родова еднаквост, ценејќи ги интуитивноста, епматичноста, развиеното чувство на претпазливост и одговорноста на жените во полицијата, како дел од уникатните карактеристики кои ја создаваат додадената вредност што ја имаат во работната средина и во општеството во целост, придонесе многу работи да придвижиме во МВР.

Од година во година се зголемува бројот на жени кои се на раководни позиции, не само во рамки на МВР, туку и во делот на работењето на БЈБ, каде полициски службенички се раководителки на оддели, помошници- директорки, началнички, командирки на полициски станици или на полициски одделенија.

Денес можеме да се пофалиме со жени кои се вклучени во Одделот за специјални полициски операции, поточно во Единицата за брзо распоредување, Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ и Хеликоптерската единица, што порано не беше случај. Со секоја генерација се зголемува и бројот на жени – кандидатки на огласите за полицајци, кои се упатени на обука по извршена селекција.

Сето ова е резултат на мерките и активностите поврзани со поттикнувањето на родовата рамноправност што раководството на МВР ги презема од 2018 година, кои се нотирани и во Извештајот за напредокот на состојбата за еднаквите можности на жените и мажите. Имено, за првпат беше имплементиран родовиот концепт при подготовка на службениците во Одделот за специјални полициски операции, сега веќе зборуваме и за родово сензитивна постапка на селекција при прием на кандидати за основна обука за полицаец во МВР, а имплементиран е систем на еднакви можности на жените и мажите при стручно усовршување.

Се работеше и на подигање на родовата свест преку континуирано реализирање на менторска програма за родова еднаквост – практика која се покажа како многу успешна и започна да се реализира и во останатите органи на државната управа. Родовата перспектива е интегрирана во законите, подзаконските акти и интерните акти на МВР, а новиот Колективен договор е прв колективен договор во државната управа кај нас, во кој се употребува родовиот речник и терминологија.

Според ИНТЕРПОЛ, пак, како еден од иницијаторите за инаугурација на Меѓународниот ден на полициската соработка, овој ден ја препознава соработката на светската заедница задолжена за спроведување на законот како суштинска за глобалната безбедност, нагласувајќи ја потребата за нејзино зајакнување на глобално и регионално ниво во различни области поврзани со спречување и борба против транснационалниот, особено организираниот криминал.

Затоа, не можам а да не се навратам токму на полициската соработка, како алатка која беше неопходна во овие седум години за враќање на разнишаната доверба на државата на меѓународен план.
Токму затоа, уште од првиот ден, покрај бројните реформи и планови за подобрување на севкупната демократска клима во државата, ја зајакнавме меѓународната активност со партнерите и пријателските земји, тренд кој го градиме секојдневно, со земјите од регионот, со агенциите на ЕУ – Frontex, Europol, CEPOL, EASO, на ООН – IOM, UNHCR и релевантни меѓународни организации – INTERPOL, OSCE, SELEC, ICMPD, DCAF итн. Како резултат и своевидно признание за сите овие напори беше доверената организација на 50. Европска регионална конференција на ИНТЕРПОЛ одржана во Охрид во мај годинава, како конференција од најголеми размери и на највисоко полициско ниво што некогаш МВР имало можност да ја организира. А денес со задоволство можеме да констатираме дека Република Северна Македонија е релевантен партнер во меѓународната заедница, а МВР угледен член на сите полициски и безбедносни институции во регионот, Европа и во светот.

Нека ни е честит Меѓународниот ден на полициската соработка!

Читај Следно

10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести