9.8 C
Skopje
сабота, март 2, 2024

Ковачевски: САД и Северна Македонија го докажуваат поимот партнерство на дело, добивме силна поддршка за евроинтеграциите

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска, во Владата на Република Северна Македонија се сретна со американскиот сенатор Крис Марфи, со кого по одржување на билатералната средба одржаа заедничка прес-конференција.

https://youtube.com/watch?v=wXxAuMFPmHQ%3Ffeature%3Dshare

Во продолжение ја пренесуваме интегралната изјава на премиерот од прес-конференцијата:

„Драго ми што денес во Скопје престојува мојот драг пријател, сенаторот Крис Марфи, член на Комитетот за надворешни односи на американскиот Сенат и добар познавач на регионот и на нашата земја.

Ова е наша втора средба за неполни три недели, по средбата која ја имавме неодамна во Вашингтон, за време на мојата посета на САД.

Овие наши чести средби говорат за силната посветеност на сенаторот Марфи кон регионот, и за неговата лична и континуирана поддршка на Северна Македонија и нејзиниот демократски развој, стабилност и просперитет.

Како претседател на Владата, би сакал да напоменам дека и на разговорите во Вашингтон и на денешната средба, од сенаторот Марфи добив уверување дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат Северна Македонија во сите наши аспирации, а особено кон пристапувањето во ЕУ. Тоа е комплементарно на нашето стратешко партнерство и меѓусебната поддршка која си ја даваме низ веќе долг и значаен период од првиот ден од нашето осамостојување.

Во таа насока, и денес разговаравме за тоа како да ја зајакнеме соработката меѓу Северна Македонија и САД, посебно во услови додека земјата ги прави следните чекори во европската интеграција. Несомнено е дека ни претстои пат со тешки и храбри одлуки и она што со задоволство можам да го кажам е дека ние на тој пат имаме силна поддршка од Соединетите Американски Држави и од нивните високи претставници. Секое пријателство кое нѐ уверува дека сме на правиот пат е од исклучителна важност за нас како држава.

Благодарение на поддршката од искрени пријатели како САД денес Северна Македонија, по три декади од својата независност, од земја корисник на меѓународни мировни мисии, стана земја фактор на стабилност на Западен Балкан, земја членка на НАТО, претседавач со ОБСЕ, земја со отпочнати преговори со ЕУ, земја во која се депонирани договорите потпишани во рамки на Берлинскиот процес и земја која е домаќин на преговори помеѓу други држави. Денес сме земја со подобрен кредитен рејтинг, со историски најмала стапка на невработеност, со зголемена вработеност, зголемена минимална и просечна плата и зголемени пензии и со рекордно највисоко ниво на странски инвестиции во државата особено од високо технолошки индустриски компании и држави.

САД и Северна Македонија го докажуваат поимот партнерство на дело. Реформските процеси кои и се случуваат на нашата земја изминативе 30 години се со најсилна поддршка од нашите американски пријатели кои силно се залагаат за демократизација на нашето општество. Три декади поддршка на систем за добро владеење, борба против корупција и поддршка на демократските процеси во земјата вклучително и зајакнување и унапредување на економскиот развој на државата.

На мое големо задоволство, таа соработка и поддршка заедно со голем труд кој како земја го вложуваме во демократизацијата, дава резултати. Имаме наше високо позиционирање на демократскиот напредок на прво место во однос на другите земји од Западен Балкан според мерењата на „Freedom House“. Според мерењата на „Reporters without borders“ од 118то место во светот во 2016, стигнавме на 38мото место во светот по слободата не медиумите,  а само во мојот мандат се качивме погоре на листата за 19 места за 1 година.

Но, нашето силно партнерство се гледа и во економијата. Трговската размена со САД лани изнесувала четврт милијарда долари. Во моментов имаме 12 големи американски компании кои доаѓаат и од САД меѓутоа и од Канада,  од северноамериканскиот континент. Повеќето компании се од автомобилската индустрија, но дел влегуваат и во енергетиката и електрониката, тука ги имаме „Леар“, „Дура“, „Адиент“, но морам да ги посочам и „Бехтел и Енка“ кои ќе работат на најголемиот инфраструктурен проект во историјата на нашата држава, исто така морам да го споменам „Јагео“ еден од најголемите светски производители на чипови, односно „Кемет“ со кого работат во партнерство како најскоро позната инвестиција кои ќе придонесат сериозно за раст и развој на македонската економија и нешто што беше незамисливо до пред извесно време денес станува реалност, односно во нашата држава ќе се произведуваат компјутерски чипови за автомобилска, авионската и медицинската индустрија.

Сакам уште еднаш, во името на Владата, и во името на нашите граѓани, да му се заблагодарам на Сенаторот за неговата поддршка и доверба кон Владата која ја предводам, и да ја потврдам одлучноста да продолжиме на патот кој го зацртавме, патот на европската интеграција и развој.

Одлуката која е пред нас, не е одлука на еден човек, не е одлука на една влада и не е одлука на една политичка партија ова е одлука на сите политички актери во државата. Ние мора да обезбедиме на нашите граѓани да живеат во држава членка на ЕУ.

Нашата држава потекнува од поранешната југословенска федерација. Во тоа време имавме поголем стандард и од Словачка и од Чешка, Романија, Полска, Бугарија и од сите други земји кои станаа земји членки на ЕУ. Јас ќе ги донесам и ќе ги предводам сите потребни одлуки кои ќе обезбедат граѓаните на Северна Македонија повторно да имаат поголем стандард од сите граѓаните од кои што порано сме имале поголем стандард бидејќи тоа нашите граѓани го заслужуваат. На тој пат сметам и на поддршката на нашите стратешки партнери, пред се САД и земјите членки на ЕУ.“

Читај Следно

10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести