Тоа може да доведе до експлозија на нови случаи и повеќе од милион смртни случаи до 2023 година, според новата прогноза на американскиот Институт за здравствена метрика и евалуација (IHME).
Според проекциите на Институтот, случаите во Кина ќе го достигнат врвот околу 1 април, кога смртните случаи ќе достигнат 322.000. Околу една третина од кинеското население ќе биде заразено дотогаш, истакна директорот на Институтот Кристофер Мареј.
Здравствените власти на Кина официјално не пријавија смртни случаи од Ковид-19 откако беа укинати ограничувањата. Последните официјални смртни случаи беа пријавени на 3 декември. Вкупниот број на починати од целата пандемија во Кина досега е 5.235.
Пекинг ги укина некои од најстрогите ограничувања за коронавирусот во светот во декември по невидени јавни протести и сега забележува силен скок на инфекции, со стравувања дека Ковид-19 би можел брзо да се шири меѓу нејзиното население од 1,4 милијарди за време на Лунарната нова година, следниот месец.
– Никој не мислеше дека ќе се придржуваат до „нула ковид“ политика толку долго колку што траеше, рече Мареј.
Независната група за моделирање на Универзитетот во Вашингтон во Сиетл, на која се потпираа владите и компаниите во текот на пандемијата, ги заснова своите заклучоци на провинциски податоци и информации од неодамнешното појавување на Омикрон во Хонг Конг.
– По првичната појава во Вухан, Кина едвај пријави смртни случаи. Затоа погледнавме во Хонг Конг за да добиеме идеја за стапката на смртност од инфекцијата, рече Мареј.
За своите предвидувања, Институтот користеше и информации за вакцинација обезбедени од кинеската влада, како и претпоставки за тоа како различни провинции ќе реагираат на зголемените стапки на инфекција.
Други експерти очекуваат дека околу 60 отсто од кинеското население на крајот ќе биде заразено, а максимумот се очекува во јануари, кога ранливите популации, како што се постарите и оние со претходни здравствени состојби, ќе бидат најтешко погодени.
Главната загриженост произлегува од големиот број на луѓе во Кина кои спаѓаат во ранливата категорија, употребата на помалку ефективни вакцини и ниските стапки на вакцинација кај луѓето на возраст од 80 и повеќе години, кои се изложени на најголем ризик од тешка болест. /МИА