2.8 C
Skopje
понеделник, јануари 16, 2023

Ангела Меркел се уште со најголем рејтинг во Германија

Во истражувањето спроведено од институтот за истражување на јавното мислење YouGov за агенцијата ДПА, 33 отсто од испитаниците рекле дека се „прилично незадоволни“, а други 33 отсто дека се „многу незадоволни“ од работата на коалицијата на социјалдемократите (СПД), Зелените и Слободните демократи (либерали, ФДП). Според резултатите, само 3 отсто се „многу задоволни“, а 23 отсто од испитаниците се „прилично задоволни“.

Денеска новата влада на канцеларот Шолц, кој доаѓа од СПД (централно-левичарски), одбележува точно една година од полагањето заклетва. Анкетите покажале дека гласачите на коалициските партии на власт имаат многу различни мислења за работата на владата. Додека 56 отсто од гласачите на зелените се задоволни, само 24 отсто од оние кои гласале за либералите се задоволни. Кај поддржувачите на СПД, пак, задоволството и незадоволството се повеќе или помалку еднакви и изнесуваат 48, односно 47 отсто.

Во истражувањето, канцеларот е позициониран само малку подобро од владата во целина, па 64 отсто од испитаниците се незадоволни од неговата работа, додека 29 отсто се задоволни. Во споредба со неговата претходничка Ангела Меркел, канцеларот Шолц не се снашол најдобро, па мнозинството од 51 отсто ја гледаат Ангела Меркел за подобра канцеларка, додека само 19 отсто од испитаниците го сметаат Шолц за подобар. Конзервативната Меркел има предност пред Шолц и кај гласачите на СПД, 39 наспроти 37 отсто.

Зелените гласачи се најзадоволни од спроведувањето на партиската политика во Владата, па 28 отсто од нив сметаат дека најдобро ја завршиле својата работа во спроведувањето на својата политика во Владата. 23 отсто од гласачите на СПД и само 19 отсто од гласачите на либералите го мислат истото за својата партија. И покрај незадоволството од власта, само 31 отсто од испитаниците веруваат дека коалицијата ќе се распадне предвреме, а 47 отсто сметаат дека таа ќе трае до следните сојузни избори во 2025 година.

Во меѓувреме, канцеларот Шолц ги објавил плановите да се кандидира за реизбор во 2025 година, во интервју за медиумската група „Функе“. „Се разбира дека повторно ќе се кандидирам“, рече Шолц, додавајќи дека сака „владејачката коалиција да биде во толку добра позиција за повторно да го добие мандатот“.

Коментирајќи ги лошите резултати од анкетите, тој рече дека е благодарен за поддршката што ја ужива и за можноста да добие уште поголема поддршка. Оценувајќи ја првата година од мандатот на неговата влада, германскиот канцелар рече дека е „задоволен што како влада сме доста стабилни во овие турбулентни времиња со бројни предизвици“.

Читај Следно

spot_img
10,371FansLike
2,319SubscribersSubscribe

Најнови Вести

spot_img