Францускиот финансиски обвинител започна истрага за да ги испита сомневањата за наводно незаконско финансирање на кампањата на францускиот претседател Емануел Макрон во 2017 година и врски со американската консултантска група Мекинзи, објави денеска весникот „Le Parisien“.
Обвинителите потврдија дека ја прошириле постоечката истрага за наводната даночна измама на Мекинзи за да ја разгледаат улогата на консултантската група во претседателските кампањи. Обвинителството наведува дека истрагата не е насочена против Макрон, а кабинетот на Макрон одби да ја коментира изјавата на обвинителот. Опозицијата претходно ја обвини владата на Макрон дека троши премногу пари за финансирање меѓународни консултантски компании кои плаќаат малку или никаков данок во Франција.