Поранешниот припадник на американската Агенција за национална безбедност (НСА) Едвард Сноуден добил руско државјанство, соопштил кабинетот на Претседателот Владимир Путин.
Сноуден во 2013 објави информации за методите и следењето на телефонските и електронските комуникации во САД и надвор од земјата. Строго доверливите информации делуваа компромитирачки врз работата на американските и британските тајни служби и открија дека властите располагаат со лични податоци на граѓаните.
„Свиркачот“ тогаш обелодени информации според кои службите ги прислшувале лидерите и на други, сојузнички земји. Сноуден тогаш објаснуваше дека тоа го сторил затоа што мислел дека луѓето сакаат да знаат што работи НСА и како упаѓа во нивната приватност.
Во 2014 година Сноуден избега од кривичен прогон во САД, каде му е запретена долгогодишна затворска казна. На почеток се сокри во Хонг Конг и поднесе барање за азил во неколку земји. Прв одговор на неговото барање доби од Русија, која уште истата година му издаде дозвола за постојан престој во Руската федерација. САД му го одзедоа пасошот и побараа негова екстрадиција, но Москва повеќе пати ги одби барањата.